Ин мемориам: Зоран Георгиев (77) 

По кратко боледување во Белград, каде што живееше изминатите децении, на 27 август, во 77-та година од животот почина ветеранот на македонската забавна музика Зоран Георгиев. Тој со својот карактеристичен глас испеа многу хитови, а ќе остане запаметен по неговата изведба на вечната мелодија „Еден бакнеж“, за која текстот го напишал Христо Крстевски, музиката Петар Пешев, а аранжманот го направил Драган Ѓаконоски-Шпато. Со оваа песна во 1962 година Зоран ја освои првата награда на фестивалот „Опатија“. Оваа незаборавна мелодија Георгиев ја испеа во алтернација со Нина Спирова.

Освен ова признание, кое широко му ги отвори вратите во светот на музиката, Георгиев освоил и прва награда на фестивалот „Скопје 70“, а бил награден и на „Белградската пролет 67“. Дел од неговиот богат репертоар биле и мексиканските песни, а извонредно интерпретирал и староградска музика. Издал цеде насловено „Песните на мој начин“ и албум со македонски староградски песни и фолк-бисери, на кој е и неговата изведба на песната „Зајди, зајди“ од Александар Сариевски.
Зоран Георгиев од родниот Охрид школувањето го продолжува во Скопје, а потоа заминува за Белград, каде што останува до крајот на животот, ширејќи ги културните и музичките врски меѓу двете соседни земји.

– Стигнав во Белград по победата на фестивалот во „Опатија“, во 1962 година и веднаш ме ангажираа. Снимав плочи за дискографската куќа ПГП РТБ, каде што подоцна бев уредник за Пропаганда. Следуваа чести пaтувања низ заедничката држава Југославија и во странство. Настапував низ Европа, во Русија, Канада, САД… Бев дел од најмалку 20 турнеи, некои траеја и по шест месеци, во континуитет од 16 години. Се разбира, чест гостин бев и на фестивалите во соседните земји, а снимив и шоу за Телевизија Будимпешта. Сепак никогаш не ги прекинав врските со мојата Македонија – изјави своевремено во интервју за македонските медиуми Георгиев.
Тој беше награден со „златна бубамара“ за животно дело, а по повод 50-годишнината од освојувањето на првата награда на фестивалот „Опатија“ со песната „Еден бакнеж“, Зоран Георгиев доби признание од МРТВ, како заслужен естраден уметник, кој во светот ја прослави македонската забавна музика.