Службениците задолжени за туризам во Дубаи речиси секојдневно работат за да ја прошират понудата на оваа популарна локација, а еден од новитетите што ќе биде достапен за јавноста од следниот месец е панорамското тркало, кое наедно ќе биде и најголемото во светот.
Како што беше објавено, следниот месец, на 21 октомври, на оваа туристичка локација ќе се отвори најголемото тркало за панорамско разгледување на градот, високо 250 метри, кое ќе биде 80 метри повисоко од моментално најголемото панорамско тркало во Лас Вегас.
– Рекордниот „Аин Дубаи“ го засенува „Сингапур флајер“, како и популарното Лондонско око, од кое ќе биде двојно поголем – рече директорот на проектот Роналд Дрејк.
Изградбата на „Аин Дубаи“ ќе има 48 затворени кабини, од кои некои можат да примат до 40 патници. Вкупно 1.750 заинтересирани лица ќе имаат можност во еден момент да го обиколат градот од ова величествено здание.
– Секоја кабина е поголема од два двокатни автобуси. На тркалото ќе бидат достапни три типа кабини, една ќе има строго набљудувачка улога, друга ќе вклучува пристап до храна и пијалаци, а третиот тип кабина е дефинирана како приватна и може да се приспособи за вечера, деловни состаноци и други настани – наведува Дрејк.
Покрај тоа, Дрејк исто така вели дека секое возење ќе трае 38 минути, при што ќе се обезбеди поглед и на градот и на брегот на Дубаи.
Со отворањето на „Аин Дубаи“, оваа туристичка локација ќе се стреми да се позиционира на врвот на светот кога станува збор за ваков вид туристичка понуда.
– Фокусот на туризмот беше една од главните стратегии на Обединетите Арапски Емирати, а особено на Дубаи. Нестабилноста на нафтениот пазар покажа дека Емиратите мора да ги зајакнат и другите сектори – вели економистот Осман Калид.