Како започна школската година, така јавноста стана свесна за некои несакани настани кои се случија во училиштата во Скопје и Македонија. Заедницата беше сведок за неколку случаи на врсничко насилство, кога млади школски другари си нанесоа повреди еден на друг. Луѓето ги гледаа овие немили настани преку медиумите.

– Некогаш одговорните и родителите не се свесни за активностите и работите што ги прават децата. Тоа не е нивна вина затоа што колку и да се трудат, малите знаат како да се скријат и како да го направат тоа што го сакаат. Тоа е дел од нивната природа, исто како што е анимозитетот и агресијата која може да ја држат во себе со денови, некогаш и месеци. За да се запознаат родителите со некои од знаците како да ги препознаат насилството кај децата стартува акција која има за цел да поттикне Другаризација кај младите – порачуваат од Центарот за поттик на креативни потфати (ЦПКП), организаторите на активностите.

Тие во текот на одреден период ќе споделуваат насоки и ќе им овозможат консултирање на сите заинтересирани преку фан-страницата на Фејсбук, за да дознаат што е можно повеќе за оваа тема. На фан-страницата може да се пристапи преку следниот линк, или со пребарување на зборот „Другаризација“ на Фејсбук.

Целата акција ќе кулминира во настан на кој експерти од својата област ќе разговараат со родителите и другите заинтересирани. Се повикуваат сите кои што сакаат темата за врсничко насилство да допре до што поголем број на луѓе да ја следат страницата и да ги споделуваат нејзините објави затоа што единствено сите здружени можат да влијаат за зголемувањето на свеста кај младите.