Одделот по пијано при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, организира и ќе се претстави на новогодишни концерти на 22 декември.
Традицијата ќе ја продолжат со два новогодишни концерти „Класиката е вечна“, како одраз на негувањето на класичната музика, како примарна дејност на училишниот центар и како основа на музичкото образование. Едниот концерт почнува во 17 часот и 10 минути, а другиот во 18 часот, во концертната сала на ДМБУЦ.

Вториот концерт, насловен „Вечер со популарни мелодии“, е новина и, како што вели м-р Светлана Димитриевска, раководител на одделот по пијано, ќе биде во чекор со времето и во духот на новогодишното расположение. Ќе бидат изведени 26 мелодии од популарни странски и домашни изведувачи како Џон Леџенд, Бебе Реџа, Каролина, Тоше Проески, Лудовико Еинауди, Дубиоза колектив, Дарко Краљиќ, како и џез и филмска музика. И овој концерт е на 22 декември, со почеток во 19 часот во Концертната сала на ДМБУЦ.

– Ние како училиште, кое е многу активно во поглед на концертната програма, а чија примарна дејност е класичната музика како основа на музичкото образование, имаме привилегија да ја негуваме и да ја развиваме музичката естетика во многу широка смисла. Во интерес на музичкото изразување на нашите ученици, во чекор со времето кое го живееме, а секако и во духот на новогодишното расположение, одделот по пијано за првпат организира концерт „Вечер со популарни мелодии“. Оваа идеја наиде на одличен одзив кај колегите и учениците. Поради интересот бројот на учесници на концертот со популарни мелодии го зголемивме неколку пати. Исто така, и поради големиот одзив за концертот со класична музика направивме да бидат два – вели Димитриевска.

Светлана Димитриевска / Фото: Приватна архива

За „Вечер со популарни мелодии“ Димитриевска вели дека е мала промена која донесе многу радост.
-Убедена сум дека овој концерт ќе внесе свежина во доживувањето на настапот и интеракцијата со публиката. Задоволна сум што интересот за учество на концертот е многу голем, особено што, со желба за настап, ја контактирале и ученици кои имаат свои бендови. Многу не израдува и големиот интерес за „Класиката е вечна“. Тоа е уште една потврда дека ние наставниците имаме со што да се гордееме – вели Димитриевска.

Еден од најубавите моменти за нашите ученици, младите уметници е да се претстават на сцена и да ја раскажат својата музичка приказна свирејќи на инструментот кој го изучуваат низ годините, вели м-р Даница Стојанова, пијанист и директор на „Илија Николовски – Луј“.

-Оваа година за прв пат освен класичните теми ќе имаме концерт на популарни мелодии каде ќе се претстават учениците од клавирската класа. А набргу на 27 декември одиме со традиционалниот Новогодишен концерт, каде по пат на аудиција ќе се одберат најдобрите точки од сите оддели во центарот. Истата вечер ќе бидат доделени наградите Луј за најдобар ученик на 2022/23 година. Нашите ученици се наша гордост, заедничките резултати од светски размери кажуваат се за ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – вели Стојанова.

Влезовите на концертите се бесплатни.