Во скопско Дебар Маало никнаа многу познати спортисти, меѓу кои посебен печат остави популарниот Стојан Стојановски-Голац. Во младите години Голац беше активен фудбалер, а подоцна и тренер во повеќе клубови

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (279)

Како што на времето велеа Далматинците, а потоа „Дубровничките трубадури“ испеаја и песна за тоа, секое место си има свој Леро, со кој се овековечува времето и се остава печат во севкупното живеење во определен крај. Дебар Маало, пак, кое за разлика од денес, своевремено беше маало со убави семејни куќи со уредени дворови, живееше вистински маалски живот. Во него речиси сите се познаваа и растеа со својата генерација, но притоа не заборавајќи ги и оние претходните генерации, кои многу сторија за збогатување на дебармаалскиот живот. Тука, во ова би рекол некогаш култно маало израснаа многу познати личности од сите сфери на животот, но јас ќе се задржам на една навистина посебна личност од областа на спортот, конкретно во фудбалот. Низ овој текст, кој го пишувам со посебно задоволство зашто и јас пораснав во Дебар Маало и сѐ уште живеам тука, ќе ви го претставам не далматинскиот, туку нашиот, дебармаалскиот Леро – Стојан Стојановски-Голац.
Со него и денес често се среќававме пред мојата куќа. Кога ќе се видевме нема шанса да се разминеме, а да не застанеме и малку да не помуабетиме. Покрај она вообичаеното при ваквите средби, како си, што правиш, како оди работата, главна тема ни беше фудбалот. Тоа не беше без причина, зашто Голац паралелно со работата со постариот брат во сопствената работилница за прецизна механика, лоцирана од задната страна на управната зграда на „Технометал“ во центарот на Скопје, голем дел од слободното време му посвети на фудбалот. Прво, како што тоа беше вообичаено, заедно со другарите од маалото почна да ја шутка топката по дебармаалските улици. Тогаш, во занесот на играта, се случуваше да настрада и понекој од прозорците на ниските куќи, но сето тоа минуваше безболно.
– Прво газдата на куќата ќе ни се подналутеше, но кога ќе забележеше оти тука во групата вљубеници во фудбалската игра што ја шуткаа топката има дете и од неговото семејство, сѐ завршуваше со зборовите: Добро, играјте, ама бидете внимателни. Ние, се разбира, ќе се извиневме, иако знаевме дека истото тоа може да се повтори и во иднина. Но, ред беше за да покажеме дека сме културни и воспитани, извинување мораше да има. Така нѐ учеа дома, иако можеби истиот ден ќе настрадаше уште некое стакло од прозорците. Што да се прави, такви бевме, темпераментни и со немирен дух – вели со насмевка Голац.
Но, тоа беше време во кое немаше лутиш, збор што во детскиот жаргон ни беше замена за лутење.

КАРАНФИЛОВИЌ ПРВ УЧИТЕЛ

Фудбалот беше опсесија на дебармаалските деца, па затоа секое од нив настојуваше да најде клуб во кој ќе може на организиран начин да се занимава со омилениот спорт. Инаку, во тоа време по Втората светска војна во Скопје имаше повеќе фудбалски клубови, распространети речиси во сите маала.
– Сепак, на нас децата од Дебар Маало најмногу ни одговараа Вардар и Работнички. Иако за вистински дебармаалски клуб се сметаше Работнички, а така е и денес, отидов во Вардар. Како пионер, вистинскиот тренинг го почувствував во македонскиот фудбалски бренд во кој тренер на помладите категории беше Стево Каранфиловиќ. Тој си ја знаеше работата, иако не беше некој којзнае каков педагог, сепак, од фудбалски аспект почувствувавме дека тој е оној од кого сите ќе можеме многу да научиме. И навистина беше така. Многу години подоцна, кога станав тренер, користев некои методи во тренингот што ги научив токму од Каранфиловиќ. Со оглед на тоа што бројот на децата во клубот постојано се зголемуваше, ние што бевме порано дојдени потоа минувавме во рацете на Јане Јаневски, кој заедно со Каранфиловиќ работеше со младите категории вардарци. Јане за сите нас беше фудбалска легенда, зашто убаво ги паметевме неговите игри за Вардар, во кој од формирањето во 1947 година и почетокот на 50-тите години тој беше еден од најекспонираните фудбалери во првиот тим. Јаневски потоа имаше и меѓународна кариера, но носталгијата постојано го влечеше и доаѓаше кај своите во Скопје и, се разбира, во Вардар. Тоа беше првиот период од нашиот фудбалски живот, во кој ние младите се калевме и ја чекавме својата шанса – вели Голац.

ОД ВАРДАР ВО СИЛИКА ОД ГОСТИВАР

Вардар имаше силна екипа, која се натпреваруваше во Првата југословенска лига, па помладите фудбалери требаше да ја чекаат својата шанса да заиграат за првиот тим. Во меѓувреме, за да се стекнат со потребното искуство, тие од младинскиот погон беа преквалификувани во вториот тим, кој имаше многу натпревари, особено со екипите што играа во Скопскиот потсојуз.
– Две години настапував за втората екипа на Вардар, во која практично се калеа идните првотимци, меѓу кои бев и јас. Меѓутоа, немајќи време за чекање, во еден момент одлучив да му пристапам на тимот на Поштар. Овој клуб, во чиј состав бевме повеќето деца од Дебар Маало, беше стабилен, имаше сигурен спонзор и немаше проблеми со егзистенцијата. Ни остануваше само да играме и квалитетно да се надградуваме. Поштар се натпреваруваше во Скопскиот потсојуз, во кој најинтересни и неизвесни ни беа дуелите со Градител и со Графичар. На нашите дуели често имаше и повеќе од 2-3 илјади гледачи, податок што говори колку тие беа интересни и неизвесни – вели Голац.
Во периодот кога беше токму во оној играчки подем, кај Голац се јави и желбата за тренерската работа. Така, иако млад, со дотогаш стекнатото искуство во Вардар и во Поштар, тој оди во Гостивар и му пристапува на ФК Силика, кој беше под патронат на истоимената гостиварска фабрика. Таа требаше да му биде конкурент на постариот градски тим Маврово.
– Практично тука, во ФК Силика, почна мојата тренерска работа. Имавме добри услови, бидејќи зад нас стоеше спонзор што беше финансиски моќен. Желба на раководството на Силика беше не да се „уништи“ постариот клуб Маврово, туку, напротив, да се развие еден здрав ривалитет меѓу двата клуба, кој ќе придонесеше за квалитетното издигање. Двата клуба располагаа со солиден играчки кадар, а од оние носечките фудбалери на Силика, во оваа пригода би ги споменал Аврамовски, Топаловски, Точи, Гафури и Демири. Повозрасните гостиварци, кои и во тоа време живееја со фудбалот, со носталгија се сеќаваат на тој тим, кој навистина во својот состав имаше имиња што оставија печат не само во гостиварскиот туку и во македонскиот фудбал. Јас кога го презедов кормилото на тимот, кога имав 26 години, бев еден од најмладите тренери, бев скептик и не бев сигурен дали ќе можам да ја оправдам довербата на оние што веруваа во мене. Но, на задоволство на двете страни, ние за една година станавме македонски прволигаши. Тогаш се уверив дека залудни биле стравот и скептицизмот со кои бев оптоварен пред почетокот. Задоволството кај сите беше големо, и покрај тоа што се создаде една клима во градот дека еве сега Силика ќе му го преземе приматот на постариот клуб Маврово. Јас бев свесен дека нема да се случи тоа, зашто, сепак, Маврово беше клубот што дотогаш, а и потоа, беше главниот афирматор на гостиварскиот фудбал. Сепак, традицијата требаше да се почитува, а во конкретниот случај и се почитуваше, зашто Маврово и понатаму остана водечкиот клуб, а со успехот на Силика само се потврди дека Гостивар е фудбалски град – рече на крајот за својата гостиварска епизода Голац.

ДОАЃАЊЕ ВО БАЛКАН НА ЧАИР

Стојан Стојановски-Голац со тренерската не ја занемаруваше играчката кариера. Тој секогаш кога се укажуваше потреба и кога беше млад тренер, се случуваше да заигра за екипата што ја води. Таков беше случајот и кога дојде во Балкан од скопски Чаир.
– По Силика добив понуда да му се приклучам на тренерскиот тим на Балкан. Овде два години бев играч и помошник-тренер на една од вардаровите легенди Урош Петровски. За мене ова претставуваше чест, па, така, во следните две и пол години се појавував во двојна улога, како тренер и играч, а потоа бев само тренер. Се сеќавам на многу мечеви од тој возбудлив период. Но, морам да кажам дека особено голема борба водевме со штипска Брегалница, која како екипа беше многу интересна и составена од извонредни поединци. Токму тоа за нас беше секогаш предизвик да ги измериме силите со штипските „сини“. Исто така од тој период, а се работи за 60-тите години од минатиот век, имавме трка за престиж со чаирскиот ривал Слога. Меѓусебните мечеви беа исклучително интересни – се сеќава на тој момент Голац.
Стојан Стојановски во фудбалскиот свет, особено во Скопје, беше познат како многу чесен и скромен човек. Затоа, сите посакуваа да бидат во друштво со него. Дебармаалци, пак, се горди што во нивната средина имаат една вистинска фудбалска легенда и голема човечка душа. Но, со она што го напишав досега не завршува приказната посветена на Голац. Напротив, таа ќе продолжи и следната недела, кога ќе се запознаете со натамошниот тек на неговата фудбалска кариера, а ќе стане збор и за успехот со пионерската репрезентација на Македонија, со која на сојузниот турнир во Борово го освои третото место во поранешна Југославија.


Стојан Стојановски-Голац

Роден: во 1939 година во Скопје
Играчка и тренерска кариера: Фудбалер на младинскиот и на вториот тим на Вардар, Поштар, Силика, Балкан, Скопје 63, Југококта, Локомотива
Успеси како тренер: Трето место на сојузниот турнир во Борово со пионерската репрезентација на Македонија, влегување со ФК Силика во Првата македонска лига (играч и тренер), заслужен и за уште неколку екипи за влегување во повисок ранг на натпревари