Производителите едвај успеваат да заработат 3 отсто, а трговците кои ги откупуваат и препродаваат производите на пазарите имаат профит и до 30 отсто / Фото: Архива на „Нова Македонија“

Од комората велат дека производителите имаат вртоглави трошоци и едвај успеваат да заработат 3 отсто. Во исто време, трговците што ги откупуваат производите и ги препродаваат на пазарите имаат профит и до 30 отсто. Овој длабок јаз се очекува да се нормализира токму преку законот за нефер трговски практики, што се очекува оваа недела да се најде во Собранието. Со оваа регулација, законодавецот ќе се обиде да создаде пофер економско-трговски практики, преку воведување максимална стапка на профит од 10 отсто за секој од актерите во синџирот на слободниот пазар

Нефер трговските практики на тапет

Предложениот закон за нефер трговски практики се очекува оваа недела да биде доставен до Собранието, а доколку не биде изгласан до 31 декември, надлежните се должни да продолжат со мерките за замрзнување на цените на прехранбените производи и безалкохолните пијалаци, со што граѓаните би купувале по загарантирани цени и во јануари 2024 година.
Со овој закон се препознаваат и уредуваат правилата и мерките за спречување на наметнувањето нефер трговски практики, кои отстапуваат од доброто трговско работење и се детектираат нефер трговски практики во синџирот на снабдување со земјоделски и со прехранбени производи, со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите доставувачи. Цените на овошјето и зеленчукот на зелените пазари остануваат без никаква контрола, бидејќи државата не успеа да ги ограничи преку овие одлуки. Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека трговците што продаваат по пазарите немаат фискални каси и манипулираат со цените на овошјето и зеленчукот, но вети дека со новиот закон тоа ќе заврши.
– Инфлацијата од пред два месеца е под 5 отсто и вкупната инфлација и во делот на храната и во пијалаците ќе биде во тренд на намалување и во континуитет. Веќе сме при крај со анализите. Ако е потребно ќе ги продолжиме мерките. Веќе е подготвен законот за нефер трговски практики, добиено е мислење од релевантните институции, чекаме и мислење конкретно од Секретаријатот за законодавство, по што треба да се направат кореспондентни табели поради тоа што е со европско знаме за да оди така во Собрание – истакна Бектеши, додавајќи дека најверојатно оваа недела ќе биде пратено во Собрание каде што ќе биде усвоено.
Тој додаде дека имајќи предвид дека е со европско знаме очекува дека ќе му треба на Собранието повеќе од две недели за да биде објавен во „Службен весник“ и да почне да се применува. Министерот уверува дека нема никаква можност гарантираните цени на прехранбените производи да бидат зголемени од страна на трговците.

– Пазарите, за жал, не влегуваат зашто не се уредени со законско решение како трговци, уредени се со други закони. Имавме иницијатива да имаме закон за зелени пазари во државава, но имаше протести и тоа се одложи, со барање на стопанските комори во делот на трговија на мало и трговија на големо во делот на синџирите на супермаркети. Производите со гарантирана цена не можат да се зголемат – вели Бектеши.
Од Стопанска комора на С. Македонија очекуваат законот да воспостави ред на пазарот со земјоделски и со прехранбени производи.
– Ова е сосема нов закон, нова работа за сите нас. На состанокот беа отворени голем број прашања што беа нејасни за бизнис-секторот. Се работи за европски закон приспособен за нашиот пазар. Сметаме дека ќе се воведе ред и дека сѐ ќе биде законски регулирано. Начелно останува овој период од шест месеци приспособување на компаниите и сметаме дека нема да има никакви проблеми.
– Главната забелешка што ја дадовме во предлог-законот за спречување нефер трговски практики е дека производителите имаат вртоглави трошоци и едвај успеваат да заработат 3 отсто. Во исто време, трговците што ги откупуваат производите и ги препродаваат на пазарите имаат профит и до 30 отсто. Овој длабок јаз се очекува да се нормализира токму преку овој закон, и тоа преку воведување максимална стапка на профит од 10 отсто за секој од актерите во синџирот на слободниот пазар – посочуваат од комората.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, смета дека е добро да се донесе ваков закон, затоа што е многу важна за животот на населението.

– Дека производителите на земјоделски и прехранбени производи досега биле во подредена состојба во однос на трговците беше јавна тајна. Знам дека некои трговци на мало одеа дотаму што на производителите на кои стоката им била платена по извршената продажба, на крајот на годината повторно им бараа одреден годишен рабат иако тоа никаде не било договорено – потенцира Димитров.
Тој вели дека најголемата слабост на законот е што надзорот над спроведување на законот ќе го врши Комисијата за заштита од конкуренција по пријава поднесена до неа.
– Сметам дека подобро решение е надзорот да го врши пазарната инспекција, која има повеќе ресурси, но исто така е секојдневно на терен и блиску до производителите и трговците. Проблемот исто така настанува поради фактот што голем број производители, особено на земјоделски производи, немаат никакви пишани договори со трговците. Затоа писмениот договор мора да биде законски регулиран и обврзувачки и тогаш пазарната инспекција може по свој избор да врши контрола на терен, а не само по пријава. На овој начин ќе се обезбеди поголема примена на законот, но исто така и подобра контрола врз неговото спроведување – нагласува Димитров.