Прекрасен концерт за кларинет и пијано се одржа вчеравечер во рамки на Унгарската вечер на фестивалот „Охридско лето“ што се организира со поддршка од Амбасадата на Унгарија во Скопје. Во црквата „Света Софија“ настапија младите унгарски уметници со плодни меѓународни кариери, кларинетистката Ноеми Салаи и пијанистката Александра Балог.
Александра Балог се вбројува помеѓу највозбудливите пијанисти на нејзината генерација. Таа е добитничка на стипендијата „Фулбрајт“, наградена е со наградата „Прима“ во 2023 година, што е најпрестижна награда за младите уметници во Унгарија и во 2024 година е вброена на листата „Најдобри 30 под 30 години“ од страна на „Форбс“ – Унгарија. Исто така е победничка на Меѓународниот натпревар за пијанисти „Бела Барток“ во Грац во 2017 година.
-Да се настапи во оваа црква со воодушевувачка историја и неверојатна акустика е навистина фасцинантно. Ноќта ја започнавме со две дела од Роберт Шуман кои се познати за кларинет а исто така и за друг инструмент, во случајов пијано. Потоа свиревме унгарска музика. Мојата колешка Ноеми живее во Њујорк, а јас повремено таму, повремено во Европа, така што кога сум во Њујорк настапуваме многу често заедно, изјави младата пијанистка Балог која оваа концертна сезона настапува во Салата „Корто“ во Париз, Палатата на убави уметности во Мексико Сити, како и во Будимпешта, Лондон, Токио, Сингапур, Пекинг и во Шангај.
Александра Балог дипломира на Кралската музичка академија во Лондон во класата на Иан Фоунтаин (2019), ја поминала тригодишната уметничка програма на Унгарската академија за уметности и се стекнала со уметничка диплома од Универзитетот во Грац во класата на Маркус Шример (2023). Како Фулбрајтова стипендистка, во моментов студира на Музичкиот конзерваториум на Колеџот „Бард“ во класата на Риеко Аизава.
Кларинетистката Ноеми Салаи е родена во Унгарија. Започнува да учи музика на осумгодишна возраст, а кларинет свири од нејзината десетта година. Дипломира на колеџот „Бард“ во САД, а потоа магистрира на „Џулијард“ во Њујорк. Таа е единствена кларинетистка која во периодот 2018-2020 е избрана да биде дел од престижната програма „Ансамбл конект“ која ја организира „Карнеги Хол“. Учесничка на повеќе фестивали во Унгарија и во САД и соработува со познати уметници како Чарлс Најдих, Франк Морели и Питер Франкл. Како победничка на натпреварот „Призма“ во 2018 година во Канада, таа добива можност да настапува со Московскиот симфониски оркестар во Русија.
Како оркестарски музичар настапува со престижниот Унгарски фестивалски оркестар под диригентство на Иван Фишер на нивната турнеја во Единбург, во Будимпешта и во Њујорк. Соработува со камерниот оркестар „Орфеус“, со Симфонискиот оркестар на Бингхамптон, со ансамблите на „Џулијард“, со Симфонискиот оркестар на Принстон, како и со ансамблот за современа музика „Аксиом“. Свири и во Светскиот оркестар кој го носи името на Золтан Кодај под диригентската палка на Тамаш Васари.Во 2019 година таа е добитничка на златен медаљ на Интернационалниот натпревар на Менхетен во Њујорк, а е носителка на признанија и награди од натпреварите во Унгарија, Италија, Словенија, Босна и Херцеговина, Канада и САД.






































