Општина Центар – Скопје воведува официјална мобилна апликација преку која граѓаните ќе можат на едно место да пристапат до најважните општински информации, услуги и дигитални алатки,
Апликацијата веќе е достапна за преземање преку App Store за корисниците на iOS, додека во следните неколку дена се очекува да биде достапна и за Android уредите преку Google Play.
Преку апликацијата корисниците ќе можат да ги следат актуелните вести, соопштенија, настани и јавни повици, но и директно да пристапуваат до електронските услуги на Општината.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, оцени дека новата апликација претставува уште еден чекор во дигитализацијата на општинските услуги и олеснувањето на пристапот на граѓаните до потребните информации.
-Наместо да пребаруваат на повеќе места или да доаѓаат во Општината за секоја информација, сега најважните услуги и информации ќе ги имаат директно на својот телефон – изјави Герасимовски.
Апликацијата овозможува брз пристап до ГИС Порталот, е-Урбанизам, е-Дозволи и „Мој Буџет“, како и до останатите општински услуги, организирани по категории и со можност за брзо пребарување.
Корисниците на едно место ќе имаат пристап и до општински документи, обрасци и одлуки, како и до контакт-информациите на Општината, вклучително и адресата, телефонскиот број, електронската пошта и работното време.
Предвидена е и можност за директна комуникација со Општината. Граѓаните преку апликацијата ќе можат да пријавуваат проблеми и да испраќаат предлози. Достапни се и линкови за пристап до информации од јавен карактер, пријавување корупција, отворени податоци и граѓанскиот буџет.
Апликацијата е наменета не само за жителите на Општина Центар, туку и за сите лица кои работат, престојуваат или секојдневно го посетуваат централното градско подрачје.




































