Уметникот Тони Шулајковски ќе има самостојно претставување пред скопската публика во периодот од 19 октомври до 6 ноември, во Салон 2, во Културно-информативниот центар во Скопје. Изложбата се отвора вечерва, во 20 часот и е насловена „Повисоко од себеси“, а содржи серија женски портрети.
Тони Шулајковски дипломирал на Факултетот за ликовни уметности, насока сликарство, во класата на Ана Темкова во 1992 година. Член е на ДЛУМ од 1993 година. Постдипломски студии на насоката сликарство завршил на ФЛУ, во класата на проф. Родољуб Анастасов во 2002 година. Од 2005 година работи со талентирани деца во приватното ликовно студио во креативниот центар „Арс вивенди“.
Неговите дела се наоѓаат во многу домови и се дел од многу колекции во Македонија, но и во Ирска, Холандија, Белгија, Германија, Австралија, САД, Тајланд, Канада, Нов Зеланд, Англија, Грција, Србија, Хрватска, Швајцарија, Словенија, Бугарија и Франција.
– Творештвото на Тони Шулајковски е една звучна полифона импресија во постојано превирање. Тоа е сегмент на една траекторија инсертирана во безвременоста низ која се движи балансирано низ некои недоосознаени сфери на една бинарна аналогија на микро и макроуниверзумот на свеста и потсвеста… Композицијата во својата диспозиција се стреми кон монументалното, проткаена со хетерогено вткаени, заметнати симболи-метафори-алегории на собитија како самоникнати во симбиозата на цивилизациските рецидиви што ги доживуваме ововремено и реално и надреално, оживувајќи ги фрагментарно и испрекинато, колажните инсерции на времето минато, сегашно и идно… – посочува критиката.