Филмот под лупа ги набљудува различностите, сѐ со цел на површина да го извлече она што е заедничко меѓу нив, а тоа е човечката емоција што нѐ поврзува сите нас, вели Никола Кузелов

„Те дуа, жими мене“ е долгометражна комедија во режија на Марјан Гавриловски, а по сценарио на Никола Кузелов, кој се наоѓа и во улогата на протагонистот Кокан. Покрај него, во главните улоги се јавуваат и Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ и Ангела Стојановска. Филмот ќе ја има домашната премиера во Скопје во текот на 2023 година.
„Те дуа, жими мене“ зборува за суштината на меѓучовечките односи.
Филмот е социјална комедија што обработува плејада тематики, почнувајќи од лажна љубов преку пријателство, религија, феминизам, криминал, па сѐ до вистинска љубов. Би рекол дека филмот под лупа ги набљудува различностите, сѐ со цел на површина да го извлече она што е заедничко меѓу нив, а тоа е човечката емоција што нѐ поврзува сите нас. Се работи за приказна што следи тројца другари што се впуштаат во патувачка авантура низ која се среќаваат со разни ликови што чекорат на раб на сатира со цел да ги карикатуризираат целните групи што ги претставуваат. „Те дуа, жими мене“ зборува за горчливи работи на сладок начин, вели Никола Кузелов, сценарист на комедијата и главен актер.
– Имавме огромна и одлична актерска екипа, а потоа бидејќи филмот беше работен без финансиска поддршка, така што талентот и влогот на целата екипа беа најголемата поддршка за ова дело да оживее во двочасовен филм. Филмот е во режија на Марјан Гавриловски, а како директор на фотографија се потпишува Александар Карпузовски. Актерската екипа ги опфаќа Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ, Ангела Стојановска, Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Мими Таневска, Исмаил Касуми, Владо Јовановски, Мирсад Абази, Мими Таневска, Сенко Велинов, Фирдаус Неби, Флакрон Алиу, Елдин Широки, Талија Настова, Ангела Димитрова и Сара Спиркоска – споделува Кузелов.
Тој објаснува како одлучил да го игра главниот лик од своето сценарио.
– Веќе подолго време константно соработувам со Марјан и како актер и како сценарист, така што кога работиме мое сценарио јас знам дали и кој лик ќе го играм уште пред сценариото да биде напишано, односно кога приказната е сѐ уште на ниво на идеја. Во овој случај стануваше збор за моја лична анегдота што јас ја развив во краток синопсис додавајќи многу фиктивни елементи, така што моето кастирање за ликот Кокан дојде некако природно со оглед на тоа дека ликот беше пишуван според мене. Дури и Валентин Видовиќ е дел од вистинската случка и може да кажеме дека игра филмувана верзија од себеси – објаснува Никола.
Тој вели дека често игра ликови од сопствено сценарио.

– Бидејќи веќе подолго време работам и како актер и како сценарист често се случува да играм лик од сопствено сценарио. Морам да признаам дека на почетокот тоа беше многу потешко и за пишување, а и за играње на ликовите бидејќи не можев целосно да ги одвојам сопствената сценаристичка замисла и личното толкување на ликот, иако понекогаш ова може да биде голема предност. Меѓутоа, научив целосно да се одлепам од идејата за себе како актер што би толкувал одреден лик додека го пишувам, бидејќи не би сакал лично да влијаам или да моделирам лик ставајќи го во рамките на мојот актерски комфорт– посочува Никола.
Што се однесува до Кокан, вели дека ликот произлегол како сатира на дел од неговата личност и лесно оживеал на хартија.
– Во принцип јас верувам дека сите ликови што почнуваат да се бунтуваат на стегите што им ги задаваат писателите и стануваат самостојни во својата приказна се добро напишани ликови. Ликот се роди како сатира на еден дел од мојата личност на која како на магнет почнаа да се лепат многу карактеристики додека се развиваше сценариото бидејќи самата приказна ги носеше тие карактеристики до ликот и обратно. Така што во еден момент сфатив дека иако инспириран од мене, овој лик беше многу различен од мене, но никогаш не се потрудив да го моделирам или задушам ликот само затоа што знаев дека јас треба да го одиграм. Едноставно го оставив да оживее во сопствениот свет и на крајот кога сценариото беше готово како актер пред себе видов огромен предизвик. Станува збор за лик каков што претходно никогаш не сум одиграл, ниту од аспект на физички изглед, говор на тело или, пак, плејада емоции што ги носи или треба да ги предизвика. Сите претходни ликови сум ги работел од внатре кон надвор, но до Кокан решив да стигнам по обратен пат, така што најпрвин му го најдовме соодветниот костим, потоа држењето на телото, одот, начинот на говор и гестикулација, а емоциите дојдоа подоцна за време на снимањето – споделува Кузелов.