Завршен концерт на најуспешниот ансамбл
Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ и годинава традиционално ја заокружува исклучително успешната концертната сезона, со ексклузивен новогодишен концерт. Зад „Танец“ се голем број концерти низ земјата, но и во САД, Канада, Словенија, Хрватска и во Србија.
– Затоа новогодишниот концерт е своевидна круна на неверојатната година и изобилува со раскошна музичко-сценска програма, во која ќе учествува целиот ансамбл. На репертоарот се атрактивни кореографски постановки и богат опус од вокално-инструментални композиции од над седумдеценискиот легат на ансамблот. Во него е вклучен и специјален сплет на ора со кои „Танец“ со пиетет ќе се сети на еден од музичките великани што придонеле кон растежот на ансамблот, виртуозот на кларинет и музички автор, Тале Огненовски, по повод 100-годишнината од неговото раѓање – велат организаторите.
Во пресрет на концертот, „Танец“ заедно со Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во фоајето на Националната опера и балет, ја организира изложбата на која ги претставува студентските архитектонски решенија за нов мултинаменски објект за ансамблот, со соодветна концертна сала, што е 73-годишна желба на ансамблот за дом по мера на неговите потреби и по заслуга на неговите успеси.
Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ имаат една заедничка историја што е многу значајна за Македонија. Од самото формирање во 1949 година, па сѐ до денес, непрекинато функционираат во својата област и на тој начин остануваат препознатливи, не само локално туку и на светско ниво.
– Да се открие „образец“ што во себе има код, структура, ритам, случување, извесност, мера, идеја, концепт и симбол, тоа беше предизвик, но и одговорност кон креирањето објект – дом што ќе биде достоен за „Танец“, како носител и промотор на материјалниот и нематеријалниот идентитет на Македонија и македонскиот народ. „Танец“ заслужува да има свој дом, во кој не само што ќе ја зачува и промовира македонската култура и традиција туку ќе може и да го збогатува и произведува тоа наследство за идните генерации – се вели во објавата.