Во издание на „Бата прес“ е објавено делото „Речник на сложенките во македонските црковнословенски текстови“ од Весна Костовска. Станува збор за дело во кое на еден многу јасен начин се презентираат врските на грчкиот и старословенскиот јазик, кога, како што во воведот појаснува Костовска, „старословенскиот е на самиот почеток од создавањето на својот писмен идентитет. Токму затоа, Кирил и Методиј, првите преведувачи на библиските текстови од грчки на старословенски, кои ја презеле мисијата за создавање на првиот писмен јазик на Словените, биле соочени со предизвикот да креираат словенски јазик со многу повисоки вредности од народниот јазик. Сложенките, како зборообразувачки модел, се резултат токму од потребата да се именуваат апстрактните поими од текстовите со религиозен карактер, кои имале статус на висок книжевен израз.“
Речникот на сложенките во македонските црковнословенски текстови е всушност втор дел од веќе објавениот научен труд „Сложенките во македонските црковнословенски текстови“ (2018). Секоја лексичка единица во Речникот е документирана и преку наведување неколку контексти од македонските црковнословенски текстови, во кои истата таа е застапена.
Весна Костовска дипломирала во 1987 година на Филолошкиот факултет во Скопје, каде што магистрирала во 1997 година и одбранила докторска дисертација под наслов „Сложенките во македонските црковнословенски текстови“, под менторство на Зденка Рибарова. Таа е професорка во Одделението за историја на македонскиот јазик при Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Постојано е ангажирана на проектот „Речник на црковнословенскиот јазик од македонска редакција“. Авторка е на голем број монографии, книги, статии во научни списанија и зборници, учествува на голем број научни собири и семинари во земјава и во странство.