Премиери

Најновата претстaва во Македонскиот народен театар во Скопје, „Сите сме птици“, во режија на Слободан Унковски, е работена по драмата на Важди Муавад (1968, Либан, живее во Париз). Драмите на В. Муавад (според програмата за претставата) се изведени на многу сцени во светот и добиле многу награди/признанија.
Ликовите во „Сите сме птици“ ги играат актерите (исто според редоследот во програмата за претставата): Дамјан Цветановски (Еитан), Сара Климоска (Вахида), Тина Трпкоска (Еден), Звездана Ангеловска (Леа), Николина Кујача (Нора), Емил Рубен (Етгар), Никола Ристановски (Давид), Петре Арсовски (Вазан), Сашка Димитровска (Болничарка) и Драгана Костадиновска (Лекарка).
Преводот на текстот од француски на македонски јазик е на Калиопа Петрушевска, драматург е Јелена Мијовиќ, инспиративната и функционална сценографија е на Бранко Хојник, суптилната илустрација на времево е отсликана во костимите на Роза Трајчевска-Ристовска, композиторка на музиката што доследно го следи дејствието е Ирена Поповиќ-Драговиќ, има и советник за историја – Натали Земон Дејвис, дизајнер на проекциите во функција на дејствието/приказната е Милчо Узунов, асистентка на сценографијата е Илина Ангеловска, а извршен продуцент Виктор Рубен.
Унковски ја одбрал актерска екипа со многу внимание. Секој владее со секој лик поединечно и едновремено меѓу себе. Постигнати се јасната цел и умешноста на режисерот да се создаде/оформи претстава што ќе владее со ликовите/состојбите во драмата. На начин што длабоко влегува во суштината/концептот на претставата.
„Сите сме птици“ (наслов со силна симболика) во целина е искрен крик по вистината.

Полемизира со времево каде било во светот. И со нас и со нашево време тука. Во тоа се и симболиката и цврстината на претставата. Постигнати се сите цели/идеи на линија на текстот и на линија на изведбата. И мошне важно – да се држи вниманието на изведувачите/актерите и на публиката. Не станува збор за безгрешност, туку за концепт што е точно поставен и во иста мера реализиран.
Во таквиот цврст концепт на целата претстава актерите се свои на своето во реализацијата на ликовите. Во вкупната изведба, сепак, доминантна е играта на Никола Ристановски како Давид. Како впрочем и во други претстави, тој е речиси беспрекорен партнер. Создавајќи го и играјќи го Давид, тој е несебичен партнер што му „подава рака“ секому со кого е на сцената. Ниту малку не заостануваат ни Дамјан Цветановски како Еитан ни Сара Климоска како Вахида. Од самиот почеток на претставата до последната сцена, тие владеат со сцената и со жар ја пренесуваат вистината што ја пренесува оваа претстава.
Исклучително е значајно што Слободан Унковски ја постави претставата „Сите сме птици“ на репертоарот на Македонскиот народен театар. И без да биде разбрано како некаква прогноза, треба да се верува дека претставата „Сите сме птици“ ќе има долг век и на сцената на Македонскиот народен театар и на други сцени – гостувања/фестивали.
На крајот, отидете во Македонскиот народен театар и видете/доживејте ја претставата „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски. Таа е искрен/моќен крик по вистината и исто така искрен/моќен театар.

Лилјана Мазова