Изабела Новотни и Владимир Лазовски – 30 години на сцена

Aктерскиот тандем Изабела Новотни и Владимир Лазовски со претставата „Зрното грашок и принцезата“ го одбележува тридеценискиот јубилеј од својата плодна кариера, како првовработени актери во ансамблот на Театарот за деца и младинци (ТДМ). Триесет години исполнети со најразлични театарски ролји, со кои се едуцираа и уживаа голем број генерации детска публика.
– Пред три децении, кога за се вработив, не бев свесна за авантурата во која се впуштам. Ентузијазмот што го имав тогаш, сѐ уште ме држи и верувам дека ја оправдавме довербата како првовработени актери да креираме и создаваме квалитетни претстави во првиот и единствен државен театар за деца и младинци на македонски јазик – вели Изабела Новотни.
Театарот за деца и младинци, со одлука на Владата, во 1990 година е формиран како национална институција и во првите години од формирањето претставите биле играни на најразлични сцени низ Скопје и земјата, но без официјално вработени актери.
– Прекрасно е чувството да бидете дел од создавањето темели на едно сега веќе големо функционално семејство, кое неуморно ги создава соништата низ театарските претстави преку кои израснале голем број генерации – вели Владимир Лазовски.
Пред да го формира театарот својот уметнички ансамбл, во него, заедно со тогашниот директор Љ. Чадиковски, вработени како административни соработници, кои имаат веќе имаат навршено 30 години во ТДМ, беа: Виолета Димовска, која сѐ уште го дава својот придонес во ТДМ, и нешто подоцна Софија Георгиевска, која веќе е во пензија. Во 1993 година, со претставата „Зрното грашок и принцезата“ од Атанaс Илков, а во режија на Срѓан Јанаќиевиќ, во која играат Владимир Лазовски и Изабела Новотни, се означува и формално создавањето уметнички ансамбл на театарот со вработени актери, како и вработување технички соработници. Премиерната изведба на претставата била изведена во детската градинка „13 Ноември“ во Скопје, а поради нејзината мобилност и камерен стил, таа за многу кратко време учествува на голем број фестивали во Албанија, Бугарија, СР Југославија, Италија, Турција и освојува многу награди и признанија, меѓу кои се издвојуваат: наградата за претстава во целина на фестивалот „Буроборак“ во Смолен, Бугарија, во 1994 година, наградата за естетско обликување на претставата на фестивалот во Суботица во 1995 година и други.
Заедно со вработувањето на првите актери, театарот ги бележи и вработувањата на Љубица Велкова, кројачка што остава силни белези при реализацијата на сите раскошни костими за најразличните претстави во театарот, а исто толку години поминати во ТДМ оваа година ќе бележи и Ангеле Насковски, тон-мајстор.
На 6 февруари 1998 година, Театарот за деца и младинци конечно добива свој дом. Поранешниот воен ресторан „Вардар“ станува адаптиран сценски простор од привремен карактер. Овој објект сѐ уште како „привремено адаптиран театар“ е единствениот дом во кој вработените неуморно креираат и создаваат успешни претстави наменети за деца и младинци, цели 33 години, и веруваат во „сонот што трае“.