Познатиот ликовен уметник Решат Амети од Гостивар вечерва со изложбата под наслов „Пробив на светлината“ ќе се претстави пред кавадаречките љубители на неговата уметност. Изложбата ќе биде отворена во галеријата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ со почеток во 19.30 часот и е поддржана од Министерството за култура на Македонија.

Решат Амети досега има реализирано над 70 самостојни изложби организирано претежно во странство, меѓутоа е редовен учесник на кавадаречката ликовна колонија со што неговата уметност им е добро позната на кавадарчани, како и неговиот придонес во организирање гостувања на странски уметници во Македонија.

За изложбата Ана Франговска меѓу другото ќе каже: „Решат Амети е еден од позначајните претставници на македнската ликовна сцена , сликар кој го зацртал своето сигурно место во историјата на уметноста на Македонија, и пошироко. Неговиот сликарски професионализам се потпира на одличниот спој на наученото и на традиционалното, на сликарските елементи и на фолклорот, на стекнатото и проникнатото. Неговиот сликарски јазик е лирската апстракција, која на моменти добива и енформелни карактеристики, но асоцијативноста е онаа која го става во некоаков медитерантски контекст и го дефинира Амети како сликар од нашите краеви, свој, препознатлив, автентичен. Амети својата креативност ја продлабочува со нурнување во историјата, во народното, во фолклорното, оттаму црпејќи ја изворната примордијална енергија, од асоцијативните шари, облици, детали, на тој начин допирајќи ја и градејќи ја праформата, праматеријата“.

Решат Амети моментално работи како професор по сликарство на универзитетот во Тетово. Дипломирал на факулеттот за ликовна уметност во Скопје во класата на профсорката Ана Темкова, а постдипломски студии завршил во 2002 на факултетот за ликовна уметност во Приштина. Тој е меѓународно признат уметник, носител на наградата за животно дело за уметност и култура, како и многу други награди и признанија од меѓународен и домашен карактер. Неговите дела се наоѓаат во сопственост на многу музеи и културни институции, исто така се дел од приватни колекции на познати личности. Ми.М.