Бојан Јовановски - Боки 13/Фото: Макфакс

Бојан Јовановски, познат како Боки 13, денеска пред Основниот кривичен суд поднесе барање за повторување на постапката за случајот „Рекет“, за кој смета оти не е расчистен, а истакна и дека бара фер постапка за случајот „Меѓународен сојуз“. Во своето прво јавно обраќање откако доби прекин на издржувањето на затворската казна за „Рекет“ поради здравствени причини, Јовановски кажа и дека добива закани.

Тој нагласи и дека јавноста мора да дознае што се случувало во случајот „Рекет“, за кој тој е осуден на деветгодишна затворска казна. Тврди и дека Вилма Русковска и Орце Камчев знаат каде се над милион евра кои беа дел од оваа постапка, а никогаш не беа пронајдени.

– Случајот „Рекет“ не е расчистен. Тој случај треба целосно да се расчисти, сите инволвирани да одговараат, а јавноста конечно да дознае што точно се случувало и каде се парите. Русковска и Камчев знаат каде се за парите од „Рекет“. Зоран Милески – Кичеец призна вина и го отвори патот за осудителна пресуда. Да го прашате денес што признал, тој нема да знае. Затоа, денеска официјално во Основниот кривичен суд поднесувам барање за повторување на кривичната постапка под името „Рекет“ – кажа Јовановски.

Тој наведе дека зад случајот „Рекет“ стоела цела констелација на политички притисоци.

– Обвинителката Вилма Русковска презентираше само две-три пораки кои сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие пораки излегува дека Заев знаел за случајот „Рекет“ и дека го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не човек што го бранел законот. Заев беше човекот што директно комуницираше со сите што беа кривично засегнати во постапките на Специјалното јавно обвинителство. Заев беше човекот што од позиција на моќ можел да влијае врз многу постапки. Јас сум единствениот цивилен граѓанин во ова општество кој што е суден за кривично дело кое е предвидено за лица кои вршат службена положба. Барам да ми биде дадена шанса во фер постапка, а не извитоперена и избрзана, да ја докажеме материјалната вистина и фактичката состојба, што навистина со случувало во фамозниот „Рекет“, случај зад кој стоеше една цела констелација на политички притисоци  – кажа меѓудругото Боки 13.

Јовановски кон крајот на минатата година излезе од затворот „Идризово“ по отслужени четири години за „Рекет“, со барање за прекин на издржувањето на казната поради влошено здравје. Допрва го очекува ново судење за „Меѓународен сојуз“, откако Апелациониот суд неодамна ја укина пресудата и го врати предметот на почеток.