Во галеријата на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија е отворена ликовната изложба „Сликарството на Ликовната академија во Штип“. На изложбата се претставени дела настанати во Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во периодот од 2019 до 2023 година. Составот на авторите е од поранешни и сегашни студенти во оваа образовна установа: Александра Јеротијевиќ-Андреева, Бојана Тошевска, Вангел Крстиновски, Дејан Витанов, Ивана Ивановска, Крсте Тарабунов, Миа Ефремова и Мики Иванов.
– Професорот Иво Пецов, како куратор на изложбата, се погрижи да бидат избрани најкарактеристичните дела од ареалот на штипската Ликовна академија, во согласност со целите на нејзината програма – да образува кадри од областа на класичното сликарство. Во образовната програма „Класично сликарство“ студентите од оваа изложба работеле под менторство на различни наставници: Лариса Бондаренко и Владимир Недајборшч од Украина, Викторија Егорова и Игор Егоров од Русија, како и македонските професори: Јана Јакимовска, Јордан Ефремов, Слободан Милошески и Ванѓа Димитријева-Кузманоска. Жанровски најзастапена е мртвата природа, а исто така може да се видат и лицата на некои од авторите преку жанрот автопортрет, како и дела што биле дел од специфични задачи од опфатените предмети во Ликовната академија. Изложбата ги опфаќа класичните сликарски техники: маслени бои на платно, акрил на платно, сув пастел на хартија и слично, а форматите се галериски. При селектирањето на делата се акцентираше врз владеењето на академските вештини во сликарството. При селекцијата беше отворена можноста за учество на дела од автори што развиле свој посебен стил и уникатност во изразувањето, за чиј развој дала придонес Ликовната академија во Штип – велат организаторите.