СВЕТСКИ ДЕН НА СПОМЕНИЦИТЕ И ЛОКАЛИТЕТИТЕ – 18 АПРИЛ

По повод Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, 18 Април, обезбеден е слободен влез во сите национални установи од областа на заштитата на културното наследство, со што граѓаните ќе имаат можност да се запознаат со археолошките локалитети и спомениците низ државава.
Отворени ќе бидат вратите на националните установи: заводи и музеи во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и во Струмица; Стоби и Хераклеја; Спомен-куќа на Тоше Проески; Археолошки музеј; Национална галерија со сите свои објекти; Музеј на современата уметност; Музеј на македонската борба; Историски музеј во Крушево; Музеј на албанската азбука; Уметничка галерија во Тетово; „Д-р Никола Незлобински“ во Струга; Музеј на Западна Македонија во НОВ – Кичево; Музеј на тетовскиот крај; Природонаучен музеј; Музеј на Северна Македонија; музеите во Куманово и во Гевгелија.
Меѓународниот совет за споменици и локалитети (ИКОМОС) во 1982 година го прогласи 18 април за Светски ден на културното наследство, а ИКОМОС секоја година препорачува тема за прославата и активностите на тој ден организирани од страна на националните и меѓународните научни комитети. Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на издигнување на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, за заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата.
Годинашна тема за Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите е „Катастрофи и конфликти низ призмата на Венецијанската повелба“. На тригодишното генерално собрание на ИКОМОС во 2023 година во Сиднеј, темата „Наследство отпорно на катастрофи и конфликти – подготвеност, одговор и закрепнување“ беше избрана како тема за Тригодишниот научен план 2024 – 2027 година. За таа цел, ИКОМОС Македонија во текот на април ги разгледува скопскиот земјотрес во 1963 година и неговиот ефект врз културното наследство низ призмата на годинашната тема. В.Д.