Вечерва, во 20 часот, ќе биде отворено 14. Биенале на млади уметници со наслов „Будења“, во Музејот на современата уметност – Скопје. Куратори на изложбата се Ива Димовски, Бојана Јанева и Никола Узуновски.
На изложбата ќе учествуваат 38 млади уметници од земјава и од странство.
– Годинашната тема „Будења“ се осврнува кон процесите на соочување и мечтаење и има цел да ги поттикне младите автори да ги изразат своите размислувања, не/сигурности, не/согласувања, не/задоволства, мечти и амбиции при соочувањето со личните и општествените промени. Темата на биеналето има цел да ги истражи и да ги претстави процесот и промената, дејството и почетокот – оттаму, будењата како одговор на прашањата: како младите уметници што излегуваат од границите на семејството и образовната институција се соочуваат со општествените проблеми и предизвици?, што прават младите кога ќе се разбудат во свет во кој не се заштитени како порано?, како сонуваат во свет што по тригодишна изолација конечно ги отвора вратите за уметничко изразување и дејствување? Напуштањето на комфорната зона при завршувањето на образованието или осамостојувањето од семејството, почетокот или промената на кариера или, пак, наметнатите околности, кои произлегоа од глобалната пандемија и рестрикциите, го носат во себе аспектот на двојството. Од една страна, нивното настанување е ограничувачко, а од друга, нивниот процес е ослободувачки – вели кураторскиот тим.
Биеналето има цел да го насочи вниманието на стручната и пошироката јавност кон делата на новите имиња од локалната и меѓународната уметничка сцена, да ги поддржи и да го поттикне креативните иницијативи на уметниците од новите генерации и да создаде услови за нивно јавно претставување и развој на современата уметничка сцена. Покрај тоа што учесниците во проектот имаат можност да создадат врски и да воспостават креативен ангажман со професионалната ликовна заедница, биеналето обезбедува простор за претставување на современите стратегии на млади уметници и на нови уметнички практики, форми и јазици во повеќеслојните области на уметноста денес. Биеналето ја потенцира и важноста од создавање алтернативен едукативен центар што генерира знаење, го помага етаблирањето на нови уметници на современата уметничка сцена и ги препознава и ги развива нивните потенцијали. С.Ј.