Самостојната изложба на Тања Миљовска, со наслов „Вечно женско“, ќе биде отворена во „Јадро“, утревечер, во 20 часот. Серијата слики во оваа поставка „Океан Море“, „Сонце и Расцут“, „Крилја“, „Пламен“ се разни изблици на таа енергија или како силна прочистена емоција, или како чувство на слобода и леснотија, или како неизмерен простор и длабочина, или како пламено енергично извишување, или како мир, но динамички, или како топла радост и расцут.
– Мојот стремеж е вечното женско, кое се манифестира како мудрост, духовна сила, хармонија и перфекција, да заблеска, за да овозможи пробив во неизмерните пространства на интуицијата. Интуицијата е нашата повисока и подлабока свест – вели авторката.
Сите серии на слики од оваа поставка се изработени во периодот од 2014 до 2015 година.
– Промените во културата изнурнуваат од длабоката внатрешна нужност (патем, тоа е креативниот принцип на Кандински) и се резултат на еволутивен развој. Според мене, излезот од кризата ќе го најдеме прво однатре, во преобразбата. Како човештво се доведовме до ситуација кога немаме друг избор. Оттаму, големиот импулс за промени избива како женска енергија. Во јогата енергијата е шакти. Шакти е женска енергија. Таа се манифестира како на субатомско ниво така и како космичка енергија. Таа енергија во микрокосмосот, во нас луѓето, низ духовната практика (медитацијата, јогата) станува сè посуптилна. Постепено се развиваат пофини аспекти од таа внатрешност, симболизирани низ разни бои, елементи/густини и нивоа на постоењето, и се балансираат енергиите во хармонија на повисоко рамниште. Во еден момент се достигнува полнота, полнота на себството, на душата, на внатрешното сонце – извор на огромна позитивна енергија – вели Миљовска за изложбата.
Татјана Миљовска во 1992 г. дипломирала, а во 2011 година магистрирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство.