Македонските филмови ќе бидат во фокусот на најпрестижниот фестивал на Балтикот, филмскиот фестивал во Талин. Престижниот меѓународен филмски фестивал „Талин блек најт“ во Талин, Естонија, е и најпознат и најголем филмски фестивал на Балтикот. Земји во фокус на фестивалот се Македонија, Србија, Црна Гора и Хрватска, каде што се појавуваат 13 филма, а Македонија како земја учествува со продуцентските и копродуцентските проекти „Домаќинство за почетници“, „Чувари на формулата“, „Живи и здрави“ и „Набљудување“. Нашиот годинашен кандидат за „оскар“е токму „Домаќинство за почетници“, во режија на Горан Столевски, а во продукција на „Лист продукција“.
Во официјалната селекција на фестивалот е и филмот „Живи и здрави“ од Црна Гора на Иван Мариновиќ, кој наиде на огромен интерес и сите наредни кинопретстави се распродадени. Како македонски копродуцент се јавува Дејан Крајчевски од „Круг продукција“.
Македонскиот филм „Мравки“, во режија на Марјан Гаврилоски и во продукција на „Тајм лапс“, е дел од индустрискиот маркет во Талин.
Фестивалот го отвори српскиот трилер-филм на Драган Бјелогрлиќ „Чувари на формулата“, каде што како македонски копродуцент се јавува „Скопје филм студио“, чија тема веќе ја разбранува јавноста и го нарекуваат српски „Опенхајмер“.