Во издание на „Бата прес“ излезе од печат книгата за деца и за млади „Алма и седумте чудовишта“ од шпанските писателки Ирија Г. Паренте и Селене М. Паскуал. Автор на илустрациите е Ирис де Муј, а богато илустрираната книга од шпански на македонски јазик ја преведе Катерина Јосифовска. Објавувањето на делото е поддржано од Министерството за култура и од Европската Унија и е во рамките на проектот „За нивната иднина“, со кој „Бата прес“ годинава и наредната година во програмата „Креативна Европа“ ќе објави 15 книги за деца и за млади од 15 познати европски автори.

Под креветот на Алма живеат имагинарни чудовишта, но не станува збор за хорор-приказна, иако во неа има стравови и темнина. Ова е поинаква, поучна приказна, во која, како што забележуваат книжевните критичари, „се запознаваме со чудовиштата за да им се спротивставиме“.
Ирија Г. Паренте (1993) и Селене М. Паскуал (1989) се од Мадрид и Виго. Својот прв роман „Хартиени латици“ (2012) го напишаа заедно и го објавија бесплатно на интернет. На тој начин успеаја да привлечат повеќе од 10.000 читатели. Романот ги поттикна да пишуваат и тие продолжија да творат.
Во 2014 година го објавија романот „Алијанси“, првата книга од трилогијата „Приказни за полната месечина“.
Популарниот шпански дневен весник „Ел паис“ го прогласи овој роман за една од најдобрите книги за млади во 2014 година.