Во рамките на новиот проект „Артс хаб“ на „Јадро“ ќе се одржи шестдневна интензивна работилница за применет и партиципативен театар. Работилницата има цел да креира контекст во кој, под водство на олеснувачите, учесниците ќе ги разменат, прошират и ќе ги надградат своите знаења и вештини во областа на театарот и ќе стекнат нови знаења и вештини поврзани со различни алатки на партиципативниот театар и театарот применет во поширок општествен контекст.
Почнува од 31 март, а трае до 9 април и ќе се заокружи со финална презентација. Водачи на работилницата се: Јелена Вуксановиќ (писателка и сценаристка и театарска едукаторка од Белград, Србија), Алесандро Ола (композитор, професор по композиција, електронска музика и звучен пејзаж, изведувачки уметник од Барселона, Шпанија) и Демир Мекиќ (социолог, форум-театар џокер и тренер од Белград, Србија). Пријавувањето е до 26 март.
За учество во работилницата за применет и партиципативен театар е добредојдено претходно искуство и вештини од областа на театарот/изведувачите уметности, но ова не е апсолутен императив. Најважно е учесниците да имаат ентузијазам, желба и волја да учат, работат и да се надградуваат во областа на применетиот и партиципативниот театар.
Целта на работилницата е низ еден креативен процес, кој вклучува потрага по наратив значаен за овдешниот социополитички контекст и со користење на техниките на театарот на угнетените, учесниците да добијат можност да го испробуваат алтернативниот непосреден простор како театарски простор, да креираат мултимедијален сценски текст, по што ќе бидат подготвени да создаваат своја ангажирана форма на театар.