Во Центарот за култура во Кичево беше промовирана втората книга на младата поетеса од Кичево Марија Никодиноска, со работен наслов, „На крајот на патот“. Книгата е издадена од „Дата песнопој“ од Битола во средината на минатата година, а ова беше премиерно претставување на овој книжевен труд на Никодиноска.
– Со големо задоволство можам да истакнам дека сум презадоволна од премиерното претставување на мојата втора книга „На крајот на патот“. Многубројното присуство на оваа промоција на моите сограѓани уште повеќе ме мотивира да продолжам да пишувам и да создавам нови книжевни дела. Во оваа збирка песни се опеани љубовта, болката, среќата и животот, а главен акцент е ставен на загубата на моите родители, на што потсетува и самиот наслов на овој труд. Ова е мое второ книжевно дело откако пред пет години ја издадов првата збирка песни со работен наслов „Огнени воздишки“. Уште еднаш им благодарам на сите присутни на оваа промоција, членовите на литературниот клуб „Китка“ од Кичево, на кој јас сум и една од зачетниците – нагласи авторката Никодиноска. Таа на крајот од промоцијата им подари книга на сите присутни со своја посвета, за да ги потсетува на денот кога се случил овој убав книжевен настан. З.А.