Во рамки на „Скопско лето“ денеска беше промовираана фотографската книга на Мирослав Марина, архитект во пензија и активен фотограф.
На промоцијата, за книгата и авторот зборуваа Никола Глигоров, директорот на „Скопско лето“ и Александар Кондев, фотограф и промотор на книгата.

Кондев зборуваше што значи оваа книга за публиката.

-Зошто промовираме фотографска книга на „Скопско лето“? Во Културната заедница на град Скопје, од почетокот на одржување на фестивалот, направивме пионерска работа во фотографијата и први го презентиравме тоа што вреди во македонската фотографија, преку фотографски изложби и издавање на фотомонографии. Мирослав Марина го познавам долго време и драго ми е што реши активно да го пополни пензионерскиот простор, да ги среди фотографиите што ги имаше снимено долги години. Така настана идејата за оваа книга. Гледајќи ги фотографиите го гледам карактерот на Мики. Оваа книга се карактеризира со начинот на неговата работа, тихо, систематски, прецизно што се негови лични одлики. Сите портрети во книгата колку зборуваат за фотографираните толку зборуваат и за авторот. Неговата професија, архитектура, излегува на оние фотографии снимени за време на неговиот престој во Тоскана – рече Кондев.

Што значи оваа книга за публиката? За идните генерации останува печатотот на светот што не опкружува, естетска, економска, емотивната приказна за сегашното наше опкружување.

-Ова не се наместени фотографии. Овие фотографии се повеќе ќе значат на генерациите што доаѓаат заради нивниот документарен карактер – додаде тој.

Аворот Марина на крај се заблагодари на присутните, на организаторот и на рецензентите.

-Оваа книга е личен, интимен став за моите интересирања во фотографијата. Му благодарам на промоторот Александар Кондев, кој ми е ментор и иако сум постар од него, се што знам за фотографијата, особено за дигиталната, знам поради него. Му благодарам и на проф. Мирослав Грчев, кој го напиша предговорот на книгата. Точно ме разбра што сакам да кажам и со негови зборови кажа во предговорот на книгата – потенцираше Марина. М.Ј.И.

Фото: Маја Јаневска-Илиева