Започна Млад отворен театар
- Програмата на 51. МОТ носи театарски продукции од Македонија и од регионот, но и меѓународни гостувања, обединувајќи различни генерации авторки и авторски пристапи
„Овој пат таа кажува“ е мотото на 51. издание на Млад отворен театар (МОТ), кое од 18 до 24 ноември се одржува во Скопје. Посветено на жената и женското авторство, годинашното издание носи програма каде што во фокус се женскиот творечки глас, перспективите и авторството во современиот театар.
Богатата програма ја сочинуваат претстави режирани од жени, кои преку различни сценски јазици, естетики и авторски пристапи отвораат прашања за личната и колективната слобода, идентитетот, љубовта, општествените ограничувања, положбата на жената и односот меѓу поединецот и современиот свет.
Програмата и концептот на 51. МОТ ги претставија македонските режисерки Нина Николиќ, со претставата „Последниот час по клавир“, и Теодора Силјаноска, со претставата „Кокошка“, заедно со директорот на ЈУ Младински културен центар, Димче Арсовски, и дел од раководителите на програмскиот тим на фестивалот, Филип Николовски и Кирил Мечалов од МКЦ. Програмата носи театарски продукции од Македонија и од регионот, но и меѓународни гостувања, обединувајќи различни генерации авторки и авторски пристапи.
Фестивалот беше отворен со „Кратки приказни“ на театарот „Антон Подбевшек“ од Словенија, во режија на Сања Нешковиќ Першин – театарски експеримент што ги спојува класичната глума, физичкиот театар, танцот и кореографијата. Истата вечер, во клубот на МКЦ, беше изведена и претставата „Последниот час по клавир“ на театарот „071 | Перипетија“, во режија на Нина Николиќ, интимна приказна за бегалството, осаменоста, припадноста и човечката блискост. Следуваше „Кокошка“ на театарот „Вортекс“ во „Театар Комедија“, во режија на Теодора Силјаноска, комедија според текст на Николај Кољада, која преку иронија и апсурд ги истражува човечките слабости, суетата и потребата за признание и слобода.
Меѓу регионалните гостувања се издвојуваат „Манифест“ на Словенско младинско гледалишче и „Глеј театар“, во режија на Татјана Першух, кој ги отвора прашањата за технолошкиот развој и неговите последици; „Три жени“ од Србија, авторски музичко-поетски театарски проект што го истражува женското творештво и историското потиснување на женскиот глас; како и „Закопани чуда“ во режија на Нина Виолиќ, интимна мултимедијална приказна за љубовта, сеќавањето и минливоста. Програмата продолжува со „Смртен исход од атлетските повреди“ на „Моје позориште“ од Босна и Херцеговина, во режија на Тара Маниќ, и концерт на Арбереше, уметница од Косово, која живее во Швајцарија и создава современ музички израз инспириран од традиционалната албанска музика.
Во рамките на музичката програма на 51. МОТ, на 21 ноември, во бифето на МКЦ, ќе настапи Арбереше, уметница од Косово, која живее и твори во Швајцарија. Нејзиниот музички израз претставува спој на традиционалната албанска музика и современиот звук, создавајќи автентично и возбудливо музичко доживување. Концертот е дел од програмата на Младинскиот културен центар во рамките на европската музичка платформа „Лајвјуроп“, која ја поддржува циркулацијата на нови европски музички таленти и нивното претставување пред нова публика, а влезот за публиката е бесплатен. На 22 ноември ќе биде изведена „Свињи“ на „Златен Елец“ во продукција на ЦК Битола, а во режија на Тамара Стојаноска, според текст на Томислав Зајец. Претставата ја следи приказната за две сестри заробени во сопствените животи и меѓусебниот однос, отворајќи прашања за слободата, човечката природа и границите меѓу човекот и животното. Во завршницата на фестивалот се и двата танцови перформанси, „Надевај се на најдоброто – подготви се за најлошото“ и „Мочуришна драма“, во соработка со „Локомотива“; „Мојот маж“ на грчкиот колектив „Процес“, во режија на Марија Манганари, според расказите на Румена Бужаровска; и „Ана – непоправливата“ на „Арт центар Оренда“ од Бугарија, посветена на руската новинарка што се бори за човекови права Ана Политковскаја. С.Ј.
































