Десет години од смртта на еден од најзначајните македонски карикатуристи

Кинотеката на Македонија утревечер во 20 часот ќе ја одбележи десетгодишнината од смртта на Дарко Марковиќ, еден од најзначајните македонски карикатуристи, аниматори и автори на анимирани филмови, со специјална ретроспективна проекција на десет негови кратки анимирани филма.
– Дарко Марковиќ (1940–2016) остави длабока и препознатлива трага во македонската визуелна култура, карикатурата и анимацијата. Со својот автентичен авторски израз, прониклив хумор, сатира и критички поглед кон општеството, тој создаде дела што и денес ги задржуваат својата уметничка вредност и актуелност. Неговото творештво претставува значаен дел од историјата на македонската кинематографија и развојот на анимираниот филм. Преку едноставни но моќни визуелни решенија, Марковиќ ги истражуваше човековата природа, општествените противречности, апсурдот на секојдневието и универзалните прашања на човековото постоење. Неговиот препознатлив цртеж и специфичен хумор создадоа единствен филмски јазик во кој карикатурата прераснува во подвижна слика, а сатиричниот коментар во универзална уметничка порака – велат од Кинотеката.

По повод оваа значајна годишнина, Кинотеката ќе прикаже десет кратки анимирани филма создадени во периодот од 1976 до 1980 година, кои сведочат за креативната разновидност, оригиналноста и препознатливиот уметнички ракопис на авторот.
На програмата се: „Граница“ (1976), „Стоп“ (1976), „Три минути во светот на Мирослав Бартак“ (1976), „Бело топче“ (1977), „Пет филма од рака“ (1977), „Стрелби“ (1977), „Буквар за писмени“ (1978), „Последниот прозорец“ (1979), „Циркус“ (1979) и „Рака“ (1980).
Со оваа ретроспективна проекција, Кинотеката ја потврдува својата посветеност на зачувувањето, истражувањето и промовирањето на националното филмско наследство, потсетувајќи на авторите чии дела имаат трајно место во македонската културна меморија. Оваа филмска вечер претставува можност за повторна средба со творештвото на Дарко Марковиќ, но и потсетување на значењето на македонската анимација како составен дел од националната филмска историја.
– Десет години по неговото заминување, филмските цртежи, хуморот и уметничката визија на Дарко Марковиќ продолжуваат да живеат на големото платно – додаваат од Кинотеката на Македонија. В.Д.