На 1 февруари, во едукативниот културен центар „Лабораториум“ (19 ч.), ќе се одржат два настана во чиј фокус е творештвото на едно од нашите најзначајни режисерски имиња и еден од најголемите амбасадори на македонската култура и уметност во светот, Милчо Манчевски. Најпрвин (19 часот) ќе биде промовирана публикацијата „Манчевски: пет есеи“ (2023, издание на Филозофското друштво на Македонија), додека подоцна (20 часот) ќе биде прикажан филмот „Бикини Мун“ (2017).
Двојазичното издание „Манчевски: пет есеи“ (трета книга во едицијата Филмософија) ќе биде промовирано од Ана Димишковска, а делови од есеите ќе читаат актерите: Никола Ристески и Елена Кузманов. Книгата се состои од пет есеи (и нивен корелат на англиски јазик), кои се пишувани во период од 1994, па сè до 2022 година. Автор на предговорот е Иван Џепароски, додека дизајнот на корицата е на Катерина Тери Николовска.
Манчевски, во континуитет, низ целото негово творештво, покрај креирањето филмски дела, преку есеистичкиот формат се запрашува и за нашата длабока потреба од раскажување и споделување приказни, за природата на вистината и за дистинкцијата вистина – прикаска во филмот (играното и документарното), за дијалогот на авторот со уметничкото дело, за насилството во уметноста, за проблемот на претставувањето, т.е. односот уметност – стварност, но и за хуманизмот што лежи во центарот на самата уметност – теми што го предизвикуваат нашиот однос, не само кон уметноста туку и кон светот, и покажуваат една подлабока потреба на авторот, не само од творење туку и од постојано бидување во дијалог со својата уметничка пракса. И токму овој дијалог, централен и за филозофијата, е она што го ситуира ова дело на пресекот меѓу филозофијата и филмот, меѓу естетиката и уметничката пракса, посочувајќи ја неговата важност при секое чинење уметност и размислување за неа.
„Бикини Мун“ е петтиот филм на Милчо Манчевски, снимен во Њујорк, овој како американска продукција. Манчевски живее во Њујорк од 1985 год., и „Бикини Мун“ е прв негов американски проект по краткометражните „Четврток“ (2013) и американско-кубанската копродукција „Крајот на времето“ (2017), кои, исто така, ќе бидат прикажани на овој настан. Манчевски, како и во сите свои филмови, се јавува и во улога на сценарист, но во овој филм косценарист е В.П. Розентал. Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Јановиц, Сатја Шридаран… Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана… Филмот го отвора прашањето и го испитува начинот на кој гледаме на светот преку медиумите, кои изискуваат да се гледаат како реалност, притоа поставувајќи ги непријатните прашања за често експлоататорскиот однос помеѓу медиумите и неговите субјекти.