Новата книга „Има ли и страна петта?“ на еден од најплодните македонски писатели за деца, Васил Мукаетов, ќе биде промовирана денеска, во 18.30 часот, во „Литература.мк“ во „Скопје сити мол“. Промотори се Татјана Димовска-Атанасова, уредничка во „Арс ламина“ и Весна Мојсова-Чепишевска, професорка на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Извадоци од книгата ќе интерпретира актерката Снежана Конеска Руси. Кон едукативната димензија на делата на Мукаетов ќе се осврне Владанка Д. Миче, одделенска наставничка во ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“.
На книжевниот настан со наслов „Васил Мукаетов на страната на децата“ ќе бидат претставени и уште пет публикации за најмладите читатели од авторот: „Чукни, чукни трипати“, „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Што е, а што не е?“ и „Ај погоди!“ Станува збор за читанки, збирки поезија, гатанки и раскази.
Васил Мукаетов е еден од најактивните македонски автори за деца, кој неуморно твори и во деветтата деценија од својот живот. Со своите читатели другарува уште од шеесеттите години на минатиот век, преку тогашните списанија „Титов пионер“, „Другарче“, „Нова Македонија“ – „Колибри“, „Развигор“ и „Другарче“, сè до денешните „Ѕвезди“, „Прв детски клик“ и „Детски клик“. Објавува и во литературните ревии и списанија – „Стожер“, „Слово“, „Бранување“. Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писателите.