Фото: Пиксабеј

Производителот на телефони и друга електроника за широка потрошувачка „Шаоми“ почна да прима нарачки за својот модел на електричен автомобил, кој излезе на пазарот деновиве и објави дека нарачките го достигнале бројот 88.898 само во првите 24 часа. Според статусот на апликацијата за нарачки автомобили на „Шаоми“, испораките за стандардниот модел „СУ7“, по цена од 215.900 јуани или 29.870 долари, би можеле да траат помеѓу 18 и 21 недела. Чекањето за испорака на најскапиот модел, пак, чија цена е 299.900 јуани или 41,5 илјада долари, може да се протега меѓу 27 и 30 недели.
„СУ7“, чиј дизајн потсетува на моделите на спортски автомобили на „Порше“, „тајкан“ и „панамера“, беше лансиран во услови на жестока ценовна војна на светскиот пазар на автомобили, каде што повеќе од 40 марки се натпреваруваат за вниманието на потрошувачите.
Експертизата на „Шаоми“ во бизнисот со паметни телефони му дава предност во развојот на системи за електронски надзор, карактеристика што ја ценат кинеските потрошувачи.