Промоција на краткиот анимиран филм „Лисичката плетачка“, а наедно и промоција на двете дела на авторката Ана Голејшка Џикова и илустраторката Иванка НиБа, „Лисичката плетачка“ и „Лепчето што расте“, ќе се одржи в среда, во 18.30 часот, во Музејот на градот Скопје и на јутјуб-каналот на „Едиција светулка“. Промоторка е Ана Јовковска.
– Добрина, љубов, пријателство, емпатија, солидарност – карактеристики кон кои се стремиме како луѓе, на кои ги учиме нашите деца, ни беа најважни во периодот на корона-изолацијата. Во тој период се родија многу ремек-дела. Инспирирани и потсетени за вредностите во животот, се втурнавме кон создавање и љубење преку создавање уметност. Токму во тој период се родија овие две прекрасни песнички, токму во тој период се реализираа во сликовници, а шансата да го прославиме нивното раѓање ја добивме сега – велат од „Едиција светулка“.
На анимираниот филм работеа Сандра Георгиева (режија) и Горан Менков (анимација), а музиката е на Никола Бочваров.
– Сликовниците се всушност омаж и гушкање на карактерите на мајка ми и татко ми. Моите детски приказни се нивните несовршени топли срца. А сега, кога се баба и дедо, тоа доаѓа до израз, како добро обликувана кифличка, како совршено исплетена шара на шал – вели Ана Голејшка Џикова за своите приказни. С.Ј.