Скопската премиера и прва реприза на независното театарско здружение „Штрих“, со претставата „Онли артистс лефт алајф“, е закажана за денеска и утре, во 20 часот, во МКЦ. Претставата говори првенствено за моќта и способноста на актерот и сето она што актерската уметност може да му го даде на човештвото со поставување на прашањето „Дали научивме нешто од сево ова?“.
– Начинот на кој функционира тоа е со рамките на повеќе сцени од разни автори и временски периоди што говорат за многу повеќе од обичните и секојдневни човекови проблеми. „Онли артистс лефт алајф“ патува низ времето, играјќи си со неговата хронологија, од самите почетоци на антиката до денешнината. Се наоѓаат клучните „извичници“ во драмската уметност, преку кои актерот со векови се обидува да му „удри шлаканица на будалата“ и да биде главниот катализатор во процесот на освестување и преобразба на човештвото.
Тематиката на ова дело не го ограничува да остане само за театарџиите и театарската публика. Претставата е далеку од нешто на кое големиот дел од публиката е навикната да го гледа на сцена. Во случај како овој, тоа е од голема полза, особено во однос на тоа што е целта на претставата, каде и на што е ставен акцентот и која е пораката со која гледачот треба да го напушти гледалиштето – велат од „Штрих“
Претставата е во режија на Мартин Кочовски, со продуцент Борис Василески и драматургија на Стефан Миленков. Актерската екипа ја сочинуваат: Томислав Давидовски, Ава Хусеини, Марјан Наумов, Јанка Лефкова, Здравко Стојмиров и Марија Стефановска. Музиката ја има подготвено Пеце Трајковски, сценографијата е на Филип Јовановски, а костимографијата на Марта Дојчиновска. Претставата е копродукција на независното здружение „Штрих“, Народниот театар Битола и Младинскиот културен центар – Скопје.