Изложбата „Моливерзум“ ќе биде отворена денеска, во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски “ – Скопје. Во рамките на проектот под мотото „Ние сме УКИМ, ние сме едно семејство“, ќе бидат презентирани дизајни на студентите од Технолошко-металуршкиот факултет – Институт за дизајн и инженеринг на облека, во соработка со студентите од Катедрата на романски јазици и книжевности (група за француски јазик и книжевност) при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
Оваа изложба е остварување на првата фаза од еден амбициозен и обемен проект. Втората фаза вклучува наградно патување на студентите и нивна изложба/инсталација во Париз. Третата фаза ќе биде презентација и декорирање на излогот на Францускиот институт во Скопје. Под менторство на професорките Лидија Георгиева, Ирина Бабамова и Снежана Петрова, инспирација е јубилејот – 400 години од раѓањето на големиот француски писател Молиер. Во рамките на настанот ќе бидат изложени и две витрини со избор од творештвото на Молиер, од фондот на НУБ.