„Хеда Габлер“, работена по текст на авторот Хенрик Ибзен, е новата претстава во продукција на Драмскиот театар – Скопје. Премиерата ќе се игра денеска во 20 часот, на сцената „Ристо Стефановски“. Режисер на претставата е Васил Христов, адаптацијата е на Викторија Рангелова-Петровска и Васил Христов. Сценограф на претставата е Васил Христов, а костимите се на Розе Трајчевска-Ристоска.
Улогите ги играат актерите на Драмскиот театар: Хеда Габлер Тесман – Сања Арсовска, Судијата Брак – Зоран Љутков, Јерген Тесман – Владимир Петровиќ, Ејлерт Левборг – Дениз Абдула, а ликовите на госпоѓа Елвстед и Јулијана Тесман ги игра Сара Климоска.
– Во 1890 година Хенрик Ибзен ја скандализира театарската јавност и воопшто естаблишментот, создавајќи уште еден женски лик што отстапува од востановените општествени норми. Хеда Габлер како една од најпознатите (анти)хероини во драмската литература одигрува значајна улога во издигање на свеста за женските прашања. Ибзен создава женски лик што одбива да живее и да им служи на конвенциите на патријархалното општество. Нејзината борба за автономност и потрага по совршенство, како и нејзината амбиција да поседува „машка моќ“, да може да влијае како врз сопствената така и врз судбината на другите, резултира со убиство на самото совршенство. Нејзиниот чин остава трага што ја симболизира борбата за родови права и еднаквост – истакнува режисерот Васил Христов во програмската белешка за претставата.
Режисерот Христов посочува дека драмскиот текст „Хеда Габлер“, низ годините, многупати е поинаку режисерски толкуван и читан, драматуршки адаптиран, структурно видоизменуван, користен како мотив од автори вљубеници во неговото дело. Драмскиот материјал отвора можности во него да се интервенира во согласност со современите театарски концепти, читања, толкувања условени и од општествените промени, кои неминовно се случуваат. Денес кога менталното здравје, кризата на идентитет и морално-етичките норми се во фокус на интерес, драмата и Хеда Габлер како (анти)хероина станува дополнително актуелна и ги рефлектира проблематизираните состојби во современото општество.
Актерката Сања Арсовска го истакна задоволството од тимската работа во процесот на создавање на претставата и искажа благодарност кон режисерот што ѝ ја доверил улогата, со што ѝ се исполнил сонот да ја игра Хеда Габлер, еден од најзначајните ликови во театарската литература. С.Ј.