Првиот дел од годинашното Патувачко кино на здружението за промоција на документаристика „Македокс“ ги опфати градот Свети Николе и три села што се наоѓаат во неговата близина. Изминативе денови се одржаа проекции на креативни документарни филмови под отворено небо во Свети Николе, на 8 септември, с. Горобинци (9 септември), Ерџелија (10 септември) и Мустафино (11 септември) во светиниколскиот реон. Еден од новитетите на Патувачкото кино годинава беше претпроекцијата, која се одржа на 26 август покрај реката Бабуна во близината на селото Црквино во рамките на манифестацијата „Средби на Родот“.
На досегашните проекции на Патувачкото кино во сите посетени места имаше околу 180 гледачи, локално население што досега немало можност да присуствува на филмска проекција во своето село. Дел од програмата на Патувачкото кино беше направена по избор на месното население.
– „Македокс“ секогаш ги има предвид желбите на локалното население и со заемна комуникација ја приспособува програмата на нивните интереси. Секогаш издвојуваме простор и за најмладите генерации со проекција на филмови од Програмата за деца и младинци, која се прикажува во рамките на фестивалот „Македокс“, бидејќи младите се најмногубројни посетители на проекциите на Патувачкото кино – вели Бранд Ферро, извршен продуцент на Патувачкото кино.
Вториот дел од 14-то Патувачко кино на „Македокс“ ќе се одржи во велешкиот реон со проекции во с. Чашка на 14 септември, проекцијата во селото Теово на 15 септември ќе биде проследена со музичка промоција, на 16 септември Патувачкото кино ќе биде во с. Богомила и на 17 септември ќе има проекција во селото Горно Оризари. Проекциите на сите локации почнуваат во 19.30 часот, а влезот е слободен. Вториот новитет на Патувачкото кино е што пред филмската проекција во селото Теово на 15 септември ќе биде промовиран музичкиот албум „Вознесено“ на бардот на македонската и бившојугословенската музичка сцена Горан Таневски, поранешен вокал на култната група „Мизар“. Покрај промоцијата на албумот ќе има и проекција на спотови направени за песни од албумот.