„Танц-фест 2022“ почнува вечерва, во 20 часот, на сцената на Домот на АРМ. Мотото годинава е „18 години танцуваме на работ!“ Оваа година на отворањето ќе може да се види претставата „Општествена критика – обнова во законот за манипулација врз член 3 од став 1“. Кореограф е Бобан Русески, а танчари се Сара Цветковска, Адријана Данчевска, Јована Зајкова.
– Дејство со тело што нѐ води низ четири типа на манипулација. Манипулација врз општеството. Манипулација врз историјата. Манипулација на самиот себе. Манипулација на очите – стои во најавата за претставата.
Во рамките на програмата на фестивалот ќе може да се види и „Пат до месецот“, во изведба на Раде Обрадовиќ и Ана Обрадовиќ од Нови Сад, Србија. Музиката за перформансот ја создаде уметницата Александра Дачиќ со нејзиниот минијатурен синтисајзер.
– Овој чин нѐ инспирираше мене и мојата колешка Ана Обрадовиќ да создадеме приказна што комуницира овде и сега, а зависи од моменталните влијанија и размислувања. Халуцинаторните слики, дамките, збунетоста, двосмисленоста и градацијата што се јавуваат во композицијата се добра основа за размислување за меѓучовечките односи, кои постојано се развиваат на сцената. Станува збор за оние често недофатливи делови од нас што можеме да ги разбудиме само преку другите и кои другите можат да ги негуваат во нас. Ги забележуваме доброто и лошото, светлината и темнината, спротивставените страни со кои продолжуваме да танцуваме – вели Раде Обрадовиќ.
Дел од програмата е и перформансот „Самовили и демони“, приказ низ кој изворниот ритам и вокалната изведба се преплетуваат со современиот танц и раскажуваат древна приказна затскриена од времето, но сепак присутна во нашите пори, во нашиот пулс. Секој чекор и секоја нота ги раскажуваат сказните што патувале од колено на колено и останале до денешен ден.
Кореографијата е на Бобан Русески и Јована Зајкова, кои наедно се и танчари.
Вокал и перкусии изведува Зарина Првасевда.