Вардан Тозија: Матеј и Александар на снимањето донесоа ведрина и искреност која се одрази на целата екипа

Дистописката приказна за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури, барајќи ја својата самовила, ќе го има своето премиерно киноприкажување на 5 октомври во Синеплекс.

По премиерната проекција на филмот „М“ на Вардан Тозија публиката ќе може да го погледне во кино салите во Скопје и во останатите градови низ Македонија.

– Можеби беше малку потешко во подготовките, но таа тежина исчезна со почетокот на снимањето. Покрај посветеноста со која се впуштија во овој предизвик, Матеј и Александар на снимањето донесоа една ведрина и искреност која се одрази на целата екипа. Тие се вистинските херои на овој филм. Матеј, како главен протагонист, на свои неполни осум години, учестуваше безмалку во сите сцени на филмот. Во тие бескрајни снимачки часови, покажа разбирање, одговорност и емпатија кои далеку ја надминаа неговата возраст, вели Тозија.

Сценариото е на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург. Актерската екипа која ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.

Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.

Филмот е поддржан од Агенција за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ ТелМа (Македонија), Agora Co-Production Market at IFF Thessaloniki 2019 ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop (Poland, Germany, France) Sofia Meetings (WiP) at IFF Sofia 2020.

-Од 5-ти октомври, филмот ќе се прикажува во сите кина кои се на располагање на домашната публика. За жал, ги нема многу – додава режисерот.