„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Тајни незнајни“ на Киро Донев, која содржи седумдесетина стихувани и римувани прозни текста, поделени во четири циклуси. Првиот циклус, со наслов „Азбучна криенка“, е посветен на македонската азбука, при што за секоја буква од македонската кирилица има кратка песна, придружена со соодветен цртеж. Во оваа т.н. букварка, најмладите читатели, преку игра на зборови и асоцијации, се поведуваат во учењето на буквите.
Другите три циклуса содржат четириесетина кратки раскази, составени како поезија во проза, во кои на најмладите читатели им се откриваат тајните на природата и на животинскиот свет. Расказите во оваа книга се раскажани со јазик и стил лесно прифатлив за децата и препознатлив за Киро Донев, учејќи ги децата што е добро и убаво и што се крие во природата и општеството.
Книгата е илустрирана со седумдесетина цртежи на Мирослав Георгиевски-Миро.
– Киро Донев првенствено е познат како писател за деца, иако во неговиот опус има и наслови што се наменети за возрасни. Зад себе има цели 60 години творештво – почнувајќи од првите песнички и раскази за деца објавувани низ списанијата некаде во почетокот на 1960-тите години, па до неговите најнови објави низ списанијата и во повеќе одделни книги. Дека станува збор за автор што низ изминатите децении стекнал своја препознатливост, свој, да го наречеме така, киродоневски стил, доказ е и најновата книга „Тајни незнајни“ – пишува Ацо Гогов во својата рецензија.