„Ковачески мјузик“ официјално го објави осмиот албум „Dualities“. Овој нов албум содржи таленти на музичари од целиот свет, вклучувајќи ја и реномираната македонска вокалистка Светлана Јовановска.
Новиот албум, предводен од Климе Ковачески, пренесува интересен и крајно необичен пристап за создавање песни и вклучува други артисти, меѓу кои се македонскиот кларинетист Влатко Терзиски, долгогодишниот соработник Алија Феј, а за првпат е вклучена и Тихана Николиќ.
– Новиот албум е неверојатна соработка на меѓународната музикалност. Албумот „Dualities“ се роди од целта да се развијат различни верзии на централната музичка идеја. Албумот вклучува „Core“ делови 1 и 2, „Hopes“ делови 1 и 2, „Emptiness“ делови 1 и 2 и „Nicola“ делови 1 и 2 – рече Климе Ковачески за новиот албум.
Една од песните на албумот, „Illuminations“, е напишана токму за Јовановска.
– Текстот за „Illuminations“ е специјално напишан за Светлана, кој на англиски брилијантно беше преведен од мојата пријателка и соработничка Наташа Гарет. За двете верзии се користи слична хармонична основа на музиката, исто така создадена земајќи ги предвид талентот и личноста на Светлана. Таа беше инспиративна во секој случај и супер си ја заврши задачата – изјави Ковачевски.


Комплетниот албум „Dualities“ може да се преслуша на http://www.kovaceskimusic.com/music-dualities.html
– Можноста да бидам дел од еден ваков интересен проект е ново и возбудливо искуство за мене, особено што имам целосна слобода во творењето. „Svetlini“ и „Illuminations“ се двете верзии во кои се појавувам, приказната и емоцијата што ја носат во својата срцевина како да стана автобиографски моја, бидејќи секој човек носи и радост и тага, и мир и немир, и сонце и месечина, и светлина и темнина. Секој од нас живее низ „Dualities“ – истакна Светлана.
Дизајнот на обвивката на албумот е изработен од Ласко Џуровски. Анимациите се на Бранко Ристовски. „Ковачески мјузик“ е меѓународен музички проект, започнат од Климе Ковачески, кој го прикажува вродениот талент на уметниците преку впечатливи и уникатни соработки и партнерства. С.Ј.