Промоција на книгата „Денот кога заборавивме да плачеме“, збирка научнофантастични раскази на Магдалена Стојмановиќ-Константинов, е закажана за 30 мај, во 19 часот, во Музејот на градот Скопје.
Збирката е составена од девет раскази. Осум од расказите се напишани од авторката, а еден е генериран со помош на софтвер на вештачка интелигенција. Книгата претставува обид за спроведување т.н. Турингов тест, при кој читателот ќе биде предизвикан да открие кој од расказите не е напишан од човек, туку од софтвер на вештачка интелигенција. Инаку, расказите имаат иста структура, во сите раскази има ликови, директен дијалог, должината на расказите е слична како и нивната композиција, со што се отежнува можноста да се препознае разликата помеѓу човечко авторство и производ на ВИ. Идејата на книгата, која наедно може да се користи и како „алатка“ за тестирање на разликите во авторството на ВИ и човекот, односно поентата е да се види дали воопшто има разлика во начинот на кој пишува човек и софтвер на ВИ.
Носечкиот расказ во збирката се однесува на исповед на Зерина, речиси 30 години по војната во БиХ. Зерина е трагичен лик преку чија приказна се опишува суровоста на војната, но и нејзините последици по цивилите, семејствата и поединците. Зерина е домаќинка што живее од полјоделство на територијата на Зворник, кога почнува војната. Како самохрана мајка на две малолетни дечиња, кои ги добила едното од брак со Иво Веселиновиќ и другото во брак со Хасо Хаковиќ, е во постојана борба да им обезбеди материјални услови за егзистенција на децата. Таа се справува со сиромаштија, беда и глад, но и со осуди од социјалната средина поради двата брака, од кои едниот е мешан брак со Србин.
Другите осум раскази се пократки, апоретични се и завршуваат во средина на дијалог. Иако изгледаат како незавршени, алегоријата во расказите треба да го натера читателот да извлече поука за односот на ВИ и човекот, за изгледот на човештвото во иднина и за сите импликации што ги има препуштањето на човекот на ВИ и нејзиното продирање во сите сфери на човечкото дејствување. Дали човекот ќе еволуира во софтвер, во робот, хуманоид хирург? Што доколку нашите важни животни одлуки му ги препуштиме на софтвер на ВИ? Што доколку софтверите на ВИ ни ги избираат партнерите и пријателите во иднина? Што доколку вештачката интелигенција ја донесува правдата по објективни и математички прецизни метрики наместо судија што има дилеми, емпатија и често прави грешки?
Од сите раскази главната порака е дека човештвото е дојдено до стадиум кога мора да се реобмисли и редефинира. Во моменти на кризи, војни во 21 век, сиромаштија, глад, убиства и неправди, дали еволуцијата од природната кон вештачката интелигенција ќе го „спаси“ човештвото од сопствената дефектност, или сепак можеби човекот како суштество на дисјункција со вкоренета етика може да се надева на подобра иднина за која ќе одлучува самиот тој?
Книгата им е посветена на сите љубители на научната фантастика како жанр, но и на сите што сакаат да погледнат кон иднината, соочувајќи се со можни сценарија и последици од подемот на ВИ наспроти природната. Можеби направивме посовршени машини со поголеми мемориски капацитети од нас, но дали тоа значи дека успеавме да учиме грешките од минатото и да се сеќаваме на нив?
Рецензенти на книгата се професорите Анис Сефиданис и Лазе Трипков, а уредник е Миодраг Константинов. Промотор на книгата е Трипков, модератор на настанот е Велков, а обраќање ќе има и авторката. За сите заинтересирани посетители на настанот, влезот е слободен, а публиката ќе има можност да учествува во жив разговор и дебата околу иднината на човештвото и последиците од развојот на ВИ.