Деновиве била испратена закана за бомба до „Лувр“, потврдија весникот „Фигаро“, музејот и француската полиција. Таа била напишана на англиски и испратена преку онлајн формуларот за контакт на музејот, а гласела: „Имаме намера да ги кренеме во воздух ’Мона Лиза‘ и многу други ремек-дела. Само предупредување: 100 килограми C-4 прават голема штета“.
По приемот на заканата, која била испратена во 3.47 часот на 17 март, бил извршен темелен претрес на зградата, но ништо не било пронајдено, пишува „Фигаро“. Заканувачката порака била напишана на англиски и потпишана со „Основачки татковци на Конфедерацијата“, термин што се однесува на 36-те мажи што присуствувале на неколку конференции во 1860-тите години, кои ги обединиле колониите на британска Северна Америка во Канада.
Ова е вторпат за краток период да биде загрозен некој познат музеј. Имено, во октомври 2023 година, „Лувр“ и Версајската палата беа евакуирани откако беше пријавена бомба. При претресот на двете места не беше пронајдено ништо сомнително и тие беа повторно отворени за јавноста следниот ден.
– Безбедноста на музејот и на нашите посетители е приоритет број еден. Имаме високи стандарди во оваа област. По ваков тип предупредување се постапува според многу прецизен протокол што не сакаме да го споделиме поради доверливост – рече портпаролот на „Лувр“.
Истрагата за инцидентот сѐ уште е во тек. „Мона Лиза“ неодамна беше цел на напад од демонстрантите од групата за климатски активисти, кои фрлија супа од тиква врз делото. Скапоцената слика на Леонардо да Винчи, инаку, виси зад непробојно стакло и не е оштетена во нападот.
Како едно од најпознатите светски ремек-дела, „Мона Лиза“ била цел на различни напади низ годините. Во 1956 година, вандал фрлил киселина врз неа, сериозно оштетувајќи ја долната половина на сликата. Во друг инцидент бил фрлен камен што го пробил заштитното стакло и било отстрането мало парче пигмент во пределот на левиот лакт на моделот на сликата.