Оркестарот на Филхармонијата, вечерва, во 20 часот, ќе го одржи концертот насловен „Банда“, на кој ќе бидат изведени дела од Гинастера, Лобос, Пјацола и Гершвин. Диригент е маестро Емил Табаков од Бугарија, а како солистка ќе настапи македонската флејтистка Илинка Велкова. Концертот е поддржан од Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија, студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.
Илинка Велкова дипломира флејта на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во 2002 година, во класата на проф. Бети Станковска. Магистрира на ФМУ, во 2018 година, во класата на проф. Страшо Темков. Таа се усовршува на семинари кај еминентните педагози Миодраг Азањац и Андрош Адорјан. Во текот на школувањето освоила голем број награди на државни и на меѓународни натпревари во категоријата за флејта и камерна музика. Дебитира со Македонската филхармонија на 16-годишна возраст, со изведба на Концертот за флејта од Моцарт. Во 1999 година започнал нејзиниот професионален ангажман како флејтистка и пиколистка во оркестарот на Македонската филхармонија. Како членка на оркестарот, соработувала со голем број светски диригенти и солисти, како што се Владимир Ашкенази, Дорон Саломон, Кшиштоф Пендерецки, Јерухам Шаровски, Џулијан Рахлин, Борис Березовски, Вадим Репин, Симон Трпчески…