Музичката програма на 62-то издание на фестивалот „Охридско лето “продолжува вечерва со концерт на пијано-дуото Кристијан Каровски и Мими Дучева. Двајцата македонски уметници ќе музицираат за фестивалската публика во катедралната црква „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин, од 21 часот.

Кристијан Каровски е роден во Скопје во семејство на музичари-пијанисти. Уште од најмала возраст доаѓа до израз неговиот голем и невообичаен талент за музика. Музичкото образование го започнува во класата на проф. Људмила Романова, а го заокружува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Борис Романов, каде дипломира и магистрира со највисоки оценки и почест „Цум лауде”. Неговата концертна дејност започнува на деветгодишна возраст со изведба на сериозни дела од литературата за пијано. Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Каровски е вонреден професор на катедрата по пијано на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје.

Кристијан Каровски

Пијанистката Мими Дучева е родена во Гевгелија во 2000 година. Природниот развој на музичките настани низ годините, ја доведува Мими Дучева до започнување на соработка со проф.Кристијан Каровски, една година пред запишување во средно музичко училиште. Веднаш започнува да настапува како дел од концертите на неговата класа и посветено соработуваат изведувајќи камерна музика за четирирачно и осумрачно пијано. На осумнаесет години го одржува првиот концерт по што музичкото образование го продолжува на ФМУ – Скопје во класата на вон. проф. Кристијан Каровски. Инспирирани од минатото камерно музицирање, Мими Дучева и нејзиниот ментор Кристијан Каровски започнуваат со заедничко свирење на композиции за четирирачно пијано. Првиот заеднички настап е на Фестивалот „ДАМ“ во Приштина, а оваа 2022 година следат уште неколку заеднички настапи.

Мими Дучева

Во моментот Мими Дучева студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје и работи како педагог по пијано во приватното музичко училиште „Пијанофорте“.

Драмската програма на 62-то „Охридско лето“ продолжува вечерва со театарската претстава „Галеб“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Нела Витошевиќ, а во изведба на Турски театар Скопје. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

„Галеб“ е драма која зборува за театарот и љубовта. Во ова култно дело, Чехов на трагикомичен начин ни ја пренесува атмосферата за минливоста на животот, во која се
испреплетува синџир од ликови со промашени животи, со несреќни судбини, невозвратени љубови, ставени во животни околности со кои не можат или не знаат да се справат.

Во неа играат Несрин Таир, Хакан Даци, Осман Али, Џенап Самет, Стефанија Начевска, Сузан Акбелге, Ебру Мусли, Селпин Керим, Метин Ибрахим и Неат Али. Сценографијата е на Константин Трпеноски, а костимографијата на Роза Трајчевска-Ристоска.

Нела Витошевиќ е театарска режисерка, која високото образование и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, под менторство на професорот Слободан Унковски. Од 2011 до 2015 година работи и ако демонстратор на истиот факултет, на отсекот по актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“, на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот Театар – Скопје. Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ од Коле Чашуле , „Да тргнеме Сењор“ од Ана Ристоска и „Макбет“ од Вилијам Шекспир; во Македонскиот Народен Театар, „Странци “ од Филипо Болоња и „Мојот маж“ од Румена Бужаровска во Драмскиот театар; „Сон на летната ноќ“ од Вилијам Шекспир, „Змејовата невеста“ од Димитар Молеров, „Казимир и Каролина“ од Еден Фон Хорват во Прилепскиот театар, „Жена од Минатото“ од Роланд Шимелфенинг и „Созвездија“ од Ник Пејн во Кумановскиот театар, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер во Охридскиот театар и многу други.

Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на фестивалот Војдан Чернодрински. Таа е еден од основачите на независен театар Wондерланд Тхеатре кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму има направено неколку претстави: „Фирма“ од Р. Шимелфенинг, „5:17“ од Ана Ристоска, „Брод за кукли“ од Милена Марковиќ, и авторскиот проект „Работи за кои не зборуваме“. За претставата „Брод за кукли“ ја добива главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ. За нејзината работа во театар таа има добиено околу 20-тина награди, а нејзините претстави се играле на повеќе фестивали во земјата и Европа. Во моментов е
вработена како режисер во Македонскиот Народен Театар.