Својот јубилеен концерт по повод 35 години уметничка, педагошка и творечка дејност,
проф. д-р Љупчо Коскаров го одржа синоќа во домот на културата „Иван Мазов Климе“ во родното Кавадарци, заедно со уметниците Јасна Аврамова Костенарова и Дарко Мариновски на пијано придружба и тенорот Илија Белистојановски. Покрај дела на Бернштајн, Бизе и Родриго , Љупчо Коскаров ги изведе и своите композиции „Деспина“, „Песна над песните“, „Налеј, налеј“, „Виртуозни варијации“ и „Тиквешки марш“. Со оваа програма Љупчо Коскаров најави гостување во Истамбул и Софија и во повеќе градови во Македонија.

Љупчо Коскаров е роден 1957 година во Кавадарци . Уште мал го открива својот талент кон музиката особено инструментот труба па завршува средно музичко училиште во Штип.

 

Факултет за музичка уметност студирал во Љубљана и Скопје. На Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија во 1999година ја одбранил магостреската теза, а две години подоцна на државниот Југозападен универзитет „Неофит Рилски“ ја одбранил докторската дисертација на тема „Специфика на образованието по труба во Република Македонија“ и се стекнал со научна и образовна титула доктор по методика на образованието по музика. Значајно е да се спомене дека перманентно работи на своето стручно усовршување и професионален развој, има многубројни учества на мастер класови надвор од земјата како и учество на симпозиуми, конгреси и научни собири во Македонија и странство.

Посебно му значи неговото усовршување кај светскиот трубач Морис Андре во Париз- Франција и кај Џон Дикенсон во Велика Британија.

 

Во текот на својата долгогодишна педагошка дејност добитник е на многу признанија и награди, кои говорат за големите достигнувања на учениците кои се школувале во неговата класа, а кои денес се успешни солисти во Македонската филхармонија, во МОБ, како и во воениот оркестар на АРМ и успешни педагози во основните средните училишта и на универзитети. Покрај педагошката дејност Коскаров има и богата концертна дејност, како и голем творечки опус од областа на музичката педагогија. Има издадено неколку учебници-методика за труба, оркестраски студии, популарни композиции за труба и пијано, како и фолклорни композиции.

Снимил повеќе ЦД- а со популарни композиции за труба и гитара, како и поп и џез композиции. Коскаров го формирал Македонскиот блех квинтет и бил негов уметнички директор а ја има и привилегијата во 2006 година во македонската амбасада во Париз да го промовира своето музичко остварување „Популарни композиции за труба и гитара“. Во периодот додека ја извршува функцијата директор на МБУЦ „Илија Николовски – Луј“ со оркестарот на училиштето успешно се претставува на Олимпијските игри во Атина во 2004 година како и на манифестацијата „Радоста на Европа“ во Падова – Италија и се разбира на фестивалот „Охридско лето“. Член е и претседател на бројни жири комисии скоро на сите државни натпревари по труба и други дисциплини што се одржуваат во Македонија, но постојан член е на жири комисијата на натпреварот „Орфеева дарба“ што се одржува во Софија. Минатата година беше повторно избран за декан на Факулетот за музика при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје.

Синоќешниот концерт на Љупчо Коскаров како и сите други културни настани кои се
одржуваат во рамките на манифестацијата „Тиквешки гроздобер“ беше пропратена со
дегустација на вината на семејната винарија „Попови“. Ми.М.