Изложбата под наслов „Жанр-сцени од колекцијата на Националната галерија“ е отворена во „Мала станица“. Со оваа поставка, Националната галерија традиционално се придружува на одбележувањето на Европските денови на културнотo наследство, чија тема годинава е „Одржливо наследство“. Се предвидува централното одбележување и кај нас да се реализира во периодот од 22 до 28 септември.
На изложбата се изложени околу 80 дела во различни сликарски техники и скулптури што се карактеризираат со буквална „секојдневност“ и „обичност“ на претставување на сцените, со задолжителна дискретна поента во постојните елементи на драматика, сатира, дидактика, па до вклучување романтизам и сентименталност. Жанр-сцената го опфаќа човекот како фокус, во неговото опкружување. Се забележува претстава на пазари, ентериери, ликови во ентериер, улични настани.
Преку оваа тематска изложба се добива ретка можност да се видат дела од депоата на Националната галерија, некои неизложувани, а некои по подолг период ќе ѝ бидат претставени на јавноста. Меѓу авторите се: Димитар Аврамовски Пандилов, Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Љубомир Белогаски, Димче Протуѓер, Василие Поповиќ-Цицо, Томо Владимирски, Богољуб Ивковиќ, Александар Ивановски Карадаре и др. Од странските автори застапени на оваа изложба се: Коста Хакман, Целестин Медовиќ, Вилим Свечњак, Крсто Хегедушиќ, Омер Мујаџиќ, Миќа Поповиќ, Надежда Петровиќ, Весна Соколиќ и др.