Неговите трудови се изобилно цитирани од истражувачите на културното музичко наследство во земјава и во странство и се употребуваат како педагошка литература за изучување на теоријата и практиката на источното црковно пеење и во образовни институции надвор од нашата земја, велат од СОКОМ

Македонскиот композитор и истакнат научен деец, долгогодишен член на Сојузот на композиторите на Македонија, а во моментов претседател на Собранието на СОКОМ, Јане Коџабашија, е избран за член на Дукљанската академија на науките и уметностите во Црна Гора. Неодамнешниот избор за академик на Коџабашија во оваа институција е признание и резултат на неговата повеќедецениска дејност, со која дава значаен придонес во развојот на македонската музичка култура и на нашата научна мисла.
– Проф. д-р Коџабашија во текот на своето дејствување остварува значајни резултати во некои од базичните текови во развојот на македонската музичка култура – во музичката продуктива, во текот на работниот век во Македонската радио-телевизија, како одговорен уредник на Музичката и касетна продукција, директор на Македонија концерт, музичката публицистика и обемните научни истражувања во областа на музичкото културно наследство, за значаен број црковно-музички дејци, ракописни и печатени црковно-музички зборници и откривање на досега недостапни музички ракописи од областа на црковното пеење од византиската традиција кај нас – велат од СОКОМ.
Овие истражувања во неговата дејност, започнати во текот на 1980-тите години, па до денес. претставуваат значаен придонес и остварена богата активност во областа на теоријата и практиката на црковното пеење од византиската традиција. Седумнаесетте издадени теоретски и монографски изданија и зборници на црковно пеење, настанати на територијата на Македонија во 19 и почетокот на 20 век, се монографски изданија на оригинални ракописи од македонски музички дејци, со воведен текст и транскрипција од невматска на европска нотација, како и педагошка литература, прва од ваков вид на македонски јазик за изучување на теоријата и практиката на источното црковно пеење.

– Неговите трудови се изобилно цитирани од истражувачите на културното музичко наследство во земјава и во странство и се употребуваат како педагошка литература за изучување на теоријата и практиката на источното црковно пеење и во образовни институции надвор од нашата земја. Издавањето на овие дела на Коџабашија и нивното претставување пред културната и научната јавност резултираа со забрзан развој, возобновување и со сѐ поширока примена на црковното пеење од византиската традиција во Македонија – додаваат од здружението.
Пред нашата и странската културна јавност во рамките на Европската година на културното наследство во текот на 2018 година, Коџабашија го претстави значајното издание „Антологија на македонското црковно пеење“, овозможено од Делегацијата на Европската Унија на Македонија.