Изложбата „Јапонскиот лебдечки свет – укијое“ е отворена во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“. Кураторка е кустоската Јасминка Намичева, а на отворањето присуствуваа и претставници од Амбасадата на Јапонија во земјава. На 28 копии-принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори на дрворези од 17 и 18 век, до публиката, ќе допре шармот на „светот што лебди“, кој е всушност отсликување на подемот на трговската класа во градот Едо (денешно Токио) во периодот од раниот 17 век и на хедонистичката филозофија, која ги поддржува моментните задоволства на животот, притоа славејќи ја убавината на природата преку претставите на месечината, снегот, црешовиот цвет или јаворовиот лист.
– На изложбата се претставени најзначајните мајстори на укијое, меѓу кои е Хишикава Кишибеи наречен Моронобу, кој во раниот 17 век бил првиот сликар што започнал со дрворези на кои портретирал енергични жени од Едо, полни со живот, наспроти дотогашните портрети на неприродни и кршливи ликови. По големиот успех на неговите цртежи, тој е првиот илустратор што се потпишува на своите дела. Школото Хишикава привлекло голем број следбеници, со што била започната популаризацијата на новиот уметнички стил – укијое. Златната доба на оваа графичка практика е претставена на изложбата преку делата на Тори Кијонага и Китагава Утамаро, како и преку неколку дела на прочуениот Шараку, кој ги портретирал актерите од кабуки-театарот. Неговите оригинални дела се прогласени за културно наследство на Јапонија од исклучителен интерес – вели Намичева.
Иако монохроматски, првите принтови на укијое-мајсторите биле рачно колорирани за специјални намени, додека кон крајот на 17 век, техниката на боење со мултиплицирани дрворези – по еден за секоја одделна боја, била усовршена. Така, печатењето на цртежите врз префинета хартија со дебели слоеви боја наликувало на најквалитетната кинеска брокатна свила. Можноста за мултиплицирање на принтовите доведува и до комерцијализација на овие цртежи, така што биле изработувани за најразлични намени. Вниманието на Европа кон укијое-уметноста било за првпат свртено со претставувањето на јапонски принтови во 1867 година на изложба во Париз, по што особено големо влијание остава врз раните импресионисти: Мане, Моне, Дега, Тулуз-Лотрек… Ка.М.