Според неодамна објавената анализа во „Балкан дефенс монитор 2024“, Србија е водечка земја во регионот во однос на трошоците за одбрана. Нејзините трошоци изнесуваа 2 отсто од нејзиниот БДП за 2023 година. Потоа следуваат Македонија со 1,7 отсто и Албанија со 1,6 отсто. Албанија и Македонија, како членки на НАТО, се предвидува да ја достигнат целта на Алијансата од 2 отсто во 2024 година, со што се предвидува да ја надминат Србија, која се очекува да падне на третото место во регионот со 1,8 отсто во 2024 година

Од анализата на „Балкан дефенс монитор“ за 2024 година

Во третото издание на „Балкан дефенс монитор“, што Белградскиот центар за безбедносна политика (БЦСП) го објавува од 2022 година, е публикуван осврт на тема за трошоците за одбрана на земјите во регионот и ги опфаќа државите: Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Србија.

Балканот се вооружува, тоа не е „квазитрката во вооружување“

Според неодамна објавената анализа во „Балкан дефенс монитор 2024“, Србија е водечка земја во регионот во однос на трошоците за одбрана. Нејзините трошоци изнесуваа 2 отсто од нејзиниот БДП за 2023 година. Потоа следуваат Македонија со 1,7 отсто и Албанија со 1,6 отсто. Албанија и Македонија, како членки на НАТО, се предвидува да ја достигнат целта на Алијансата од 2 отсто во 2024 година, со што се предвидува да ја надминат Србија, која се очекува да падне на третото место во регионот со 1,8 отсто во 2024 година.
Понатаму, Хрватска, како членка на НАТО, ги задржа своите трошоци за одбрана на околу 1,5 отсто од нејзиниот БДП во последните три години.
Во меѓувреме, Црна Гора и Босна и Херцеговина заостануваат зад остатокот од Балканот, со проектирани трошоци за одбрана од само 1 отсто и 0,7 отсто во 2023 година. Првата држава му пристапи на НАТО во 2017, додека втората се придружи на Акцискиот план за членство (МАП), програма на НАТО од 2010 година за поддршка на земјите што сакаат да ѝ се приклучат на Алијансата.
Мониторингот го анализира и уделот на трошоците што се распределуваат на персоналот, од една страна, и на оружјето и опремата, од друга страна. Како и во претходните години, најголеми се расходите на Босна и Херцеговина за персонал со 89 отсто. Следува Црна Гора, која троши 56 отсто на персонал и само 24 отсто на оружје и опрема.
– Уставната структура на Босна го отежнува инвестирањето во државната одбрана. Најголем дел од средствата се трошат на персоналот, значи во основа за најосновните услови во штабот и армијата. Не е доволно голем и во иднина треба да се размислува како Босна да го зголеми буџетот за одбрана – рече Харун Церо, проект-менаџер во фондацијата „Фридрих Еберт“ во Сараево, на презентацијата на „Дефенс монитор“ во Белград.

Македонија значително го намали трошокот за персонал во однос на 2020 година

Хрватска и Македонија, пак, значително го намалија процентот потрошен за персонал во однос на 2020 година, наведува „Балкан дефенс монитор“. Хрватска сега троши речиси еднакво на персонал (41 отсто) и на оружје (39 отсто). Во Македонија персоналот добива 38 отсто од расходите, додека на оружјето и опремата отпаѓаат 26 отсто.
Конечно, Србија троши точно еднаков удел – 39 отсто – на персонал и на оружје. Во документот се истакнува дека има зголемен тренд на трошење во Србија од 2016 до 2022 година, кој потоа беше привремено стопиран, но се очекува повторно да биде во пораст.
Според документот, значително е зголемен и воениот буџет на Хрватска – тој речиси се удвоил од 2017 година, најмногу поради набавката на 12 француски борбени авиони „дасо рафал“ во 2021 година.
– Сите зборуваат за „квазитрката во вооружување“ на Балканот во контекст на војната во Украина, но таа започна во 2015 година меѓу Србија и Хрватска. Ова е повеќедимензионален процес. Од една страна, најголемиот дел од арсеналот потекнува од југословенската армија, така што не е невообичаено што треба да купат нешто ново. Но овој процес треба да се направи на помалку токсичен начин – вели Вук Вуксановиќ, виш истражувач на БЦСП и еден од авторите на „Монитор“, за време на неговата презентација.
Тој рече и дека има компонента на надворешната политика во набавката на оружје.
– Елитите во Белград веруваат дека ако бидеме добро вооружени, нашите соседи ќе нѐ сфатат посериозно и повеќе ќе можеме да ги играме Западот и Русија еден против друг. Тоа е дел и од домашната политика и од домашниот политички маркетинг бидејќи армијата е една од институциите со најголема доверба – додаде Вуксановиќ.

Приближување до целта од 2 отсто се забрза по почнувањето на руско-украинскиот воен судир

Зголемувањето на трошоците за одбрана во Албанија и Македонија е споредливо со трендовите во другите земји членки на НАТО. Според процените на НАТО, трошоците во 2023 година во рамките на Алијансата се зголемени за 8,3 отсто, што е убедливо најголем пораст во последните 10 години.
Во 2023 година, просечната потрошувачка меѓу сојузниците беше 1,82 отсто од БДП, а 11 од 31 земја членка на НАТО трошеа повеќе од 2 отсто. Според генералниот секретар Јенс Столтенберг, оваа бројка се очекува да се зголеми на 18 во 2024 година. Ова е значително зголемување во споредба со 2014 година, кога само САД, Обединетото Кралство и Грција го преминаа прагот од 2 отсто, покажуваат податоците на НАТО.
Прашањето за трошење стана позначајно со изборот на Доналд Трамп во САД во 2016 година, а потоа, особено по почетокот на војната во Украина во 2022 година.
На Балканот, ниту еден сојузник на НАТО сè уште не ја постигнал целта од 2 отсто, иако Македонија и Албанија се предвидува да го сторат тоа во 2024 година. Во меѓувреме, сите сојузници на НАТО, вклучувајќи ги и оние во овој регион, исполнуваат уште еден услов – барем 20 отсто од трошоците за одбрана се користат за опрема.
– Буџетот за одбрана на Македонија доживеа значителен пораст откако земјата влезе во НАТО во 2020 година. Зголемувањето е исто така последица на долгорочниот план за модернизација на армијата – наведува „Балкан дефенс монитор“.
Ова го потврди и Радмила Шекеринска, поранешна министерка за одбрана на Македонија, која зборуваше и на презентацијата на „Балкан дефенс монитор“ во Белград.
– Почнавме под 1 отсто во 2017 година и се качивме на 1,8 отсто оваа година, а се надеваме на 2 отсто следната година. По Украина, видовме дека без безбедност, сè е ништо – сè пропаѓа – рече таа.
Таа додаде дека како министерка за одбрана од јуни 2017 година до почетокот на 2022 година немала премногу средби со претставници на ЕУ. Војната во Украина ја натера ЕУ да стане посериозна во одбраната, додаде Шекеринска, посочувајќи дека Урсула фон дер Лејен најави одбранбено портфолио во нејзината потенцијална следна комисија, што прави голема разлика.
Во Црна Гора, пак, буџетот за одбраната претрпе флуктуации во изминатите години. Трошењето беше 1,6 отсто во 2019 година, но падна на околу 1 отсто по 2021 година.
– Ова делумно е последица на влезот на земјата во НАТО и модернизирањето на армијата за исполнување на стандардите на НАТО, но и поради политичката криза и промените на владите – се вели во документот.
Програмата на актуелниот премиер на Црна Гора, Милојко Спајиќ, претставена во парламентот во октомври минатата година, вети зголемување на трошоците за одбрана на 2 отсто од БДП и модернизација на единиците на црногорските вооружени сили.