Од наш агол
Македонија и Македонците не се само теоретски пример во учебник по меѓународно право и меѓународни односи и дипломатија за идентитетско деноминирање, денационализација и асимилација од страна на посилни држави и народи.Тие се повеќе од тоа! Имено, Македонците се живи сведоци на една долготрајна политика на негирање, оспорување и редефинирање на нивниот национален идентитет, јазик и историско наследство.
Особено по влезот на Бугарија во Европската Унија, наместо европските механизми да бидат употребени за зближување, добрососедство и поддршка на регионот, тие сè почесто се користат како средство за политички притисок врз Македонија. Наместо подадена рака, доаѓаа вета. Наместо поддршка за европската иднина на јужниот и источниот сосед, доаѓаа нови условувања. Наместо почитување на правото на самоопределување, доаѓаа обиди за преиспитување на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската историска посебност.
Ниту една држава во современа Европа не смее да има право да определува што е друг народ, на каков јазик зборува или како ќе ја толкува сопствената историја. Тоа не е европска вредност. Тоа е политика на надмоќ.
Силата и позицијата во меѓународните институции не смеат да бидат средство за наметнување историски вистини по мера на посилниот. Не смеат да бидат средство за притисок врз јазикот, националните симболи, културното наследство или уставниот поредок на една суверена држава.
Токму затоа случајот со спорната бугарска комеморативна монета е толку значаен. Македонија со години предупредува дека постои проблем кога заеднички или универзални историски вредности се претставуваат како исклучива сопственост на една држава. Но Македонија, како земја кандидат, има ограничени можности да се спротивстави на таквите тенденции.
Сега, кога една членка на Европската Унија очигледно решила да стави забелешка на обидот кирилицата да биде претставена низ призмата на „бугарска азбука“, станува јасно дека проблемот не е само македонска перцепција. Очигледно и други држави препознаваат дека историското наследство не може да се претвори во национален монопол.
Кирилицата е далеку поголема од која било современа држава. Таа не е патент. Не е бренд. Не е национална франшиза. Таа е цивилизациско достигнување создавано, развивано и користено од многу народи низ вековите.
Истото тоа важи и за културното наследство на Балканот. Историјата не е приватен имот што може да се огради со државна граница. Таа е сложен мозаик од влијанија, традиции и заеднички искуства.
Во современото меѓународно право постојат норми и принципи што стојат над дневната политика и над волјата на посилниот. Самото начело на самоопределување, почитувањето на човековото достоинство, идентитетот и културната самобитност претставуваат темели на современиот поредок. Ниту една држава не може да си присвои право да одлучува за идентитетот на друга нација.
Затоа прашањето денес не е дали Македонија ќе опстане како посебен народ и држава. Таа реалност постои и никој не може да ја избрише. Прашањето е до кога официјална Софија ќе продолжува да води битки против факти што одамна ги признале времето, историјата и меѓународната заедница.
Колку побрзо се прифати дека почитувањето на соседот не е закана за сопствениот идентитет толку побрзо Балканот ќе се ослободи од историските ровови во кои предолго е заробен. А колку подолго траат обидите за присвојување, негирање и монополизирање на заедничкото наследство толку подалеку ќе останува вистинското европско помирување што сите декларативно го посакуваат. Р.Н.М.

































