Европската тројка (Е3) претстави мировен план за Украина
- Петте услови што планот од Лондон ги предвидува вклучуваат прекин на борбите, почнување преговори од сегашната позиција на
теренот, како и робусни безбедносни гаранции за Украина - Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија го поддржаа повикот на украинскиот претседател Зеленски за „директен дијалог меѓу Украина и Русија – со активно учество на САД и Европа“
Лидерите на Велика Британија, Франција и Германија од неформалниот европски безбедносен сојуз Е3 поставија пет услови за постигнување, според нив, „праведен и траен“ договор за прекин на војната во Украина, по состанокот со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Лондон. Но меѓу аналитичарите и медиумите преовладува мислење дека предвидените услови се нереални и оти и самите нивни автори знаат дека тие нема да доведат до крај на оружениот конфликт, бидејќи ги продолжуваат обидите за убедување на Русија да се откаже од нејзините цели.
Прекин на борбите, робусни безбедносни гаранции за Украина, заштита на европските безбедносни интереси…
Петте услови што планот од Лондон ги предвидува вклучуваат прекин на борбите, почнување преговори од сегашната позиција на теренот, како и робусни безбедносни гаранции за Украина, но и барање отштета од Русија. Тие вклучуваат повици до рускиот претседател Владимир Путин да прифати „итен и целосен прекин на огнот“, како и преговорите да почнат на „тековната линија на контакт“.
– Украина мора да има силни и правно обврзувачки безбедносни гаранции штом ќе стапи во сила прекинот на огнот – исто така се наведува во заедничката изјава, во која дополнително се повикува на распоредување мултинационални сили за спроведување на прекинот на огнот.
Меѓу условите се налага и компензација за штетите во текот на војната од страна на Русија, при што лидерите ветуваат дека руските средства ќе останат замрзнати сè додека Москва не прекине со војување и не обезбеди надомест.
Се потенцира и заштита на европските безбедносни интереси.
– Европските безбедносни интереси мора да бидат заштитени во секој договор. Елементите на сите преговори поврзани со ЕУ и НАТО ќе бараат согласност од ЕУ и нејзините земји членки и сојузниците на НАТО, соодветно – се наведува во последниот услов пренесен од украинските медиуми.
План среде ескалација на судирот
Планот следува во време кога завојуваните страни го интензивираа судирот со размена на ракетни удари и напади со беспилотни летала. Згора, во очигледна референца на инсистирањето на Москва за Киев да се откаже од амбициите за приклучување на НАТО, Стармер, Макрон и Мерц рекоа дека правото на Украина „да ги избере своите безбедносни аранжмани и сојузи мора целосно да се почитува“, што се смета за дополнителна пречка за постигнување мир.
Истовремено Зеленски испрати отворено писмо до Путин повикувајќи на директни преговори за завршување на војната – понуда што рускиот лидер во повеќе наврати ја отфрли, порачувајќи дека војната ќе заврши само кога ќе бидат исполнети целите на Русија.
Поддршка за предлогот за директен дијалог со активно учество на САД
и Европа
Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, во заедничка изјава по разговорите во Лондон, порачаа дека „цврсто ќе застанат на страната на Украина“. Трите западни сили што се состанаа на Даунинг стрит 10 во Лондон ја сочинуваат таканаречената група Е3 и важат за најпосветени сојузници на Украина. Велика Британија и Франција ја предводат иницијативата „Коалиција на подготвените“ за обезбедување безбедносни гаранции за Украина како дел од секој иден мировен процес.
Тие го поздравија писмото на Зеленски до Путин и го поддржаа неговиот повик за „директен дијалог меѓу Украина и Русија – со активно учество на САД и Европа“. Лидерите ја повторија потребата САД да бидат дел од мировниот процес во време кога фокусот на американскиот претседател Доналд Трамп се префрли на војната со Иран. САД во декември минатата година ги охрабруваа Русија и Украина брзо да се приклучат на план за прекин на војната што се води од февруари 2022 година.
Последните иницијативи покажуваат дека дипломатските канали повторно се активираат во обидот за воспоставување дијалог помеѓу Москва и Киев. Со вклучувањето на Е3 и поддршката за дијалог меѓу Зеленски и Путин, Европа се обидува да го засили темпото на политичко решавање на конфликтот. Сепак, патот кон мировен договор останува сложен, условен од меѓусебна недоверба, безбедносни дилеми и отворени прашања за територијалниот и политичкиот исход на војната. Р.С.
Заострување на европските санкции врз Русија
Се очекува Европската Унија да им забрани на руските војници да влегуваат на нејзина територија како дел од понатамошните санкции против Москва, кои исто така се насочени кон банките, криптокомпаниите и приходите од нафта на Кремљ. Предложената забрана за визи за руските војници е дел од најновото заострување на санкциите на ЕУ против Русија, за чие усвојување е потребно едногласно одобрување од 27-те земји членки на Унијата.
Европската комисија сака да ја одржи границата на цената на руската нафта на 44 долари до јануари 2027 година, што би го спречило Кремљ да оствари добивки од зголемувањето на цените на суровата нафта како резултат на затворањето на Ормускиот Теснец.
Покрај тоа, Брисел сака да ги прошири санкциите против фирмите за криптовалути што ѝ помагаат на Русија да се справи со исклучувањето од западните пазари на капитал. Се предлага воведување санкции врз 20 банки, криптофирми и трговци со нафта во трети земји за кои се смета дека ѝ помагаат на Русија.
Најновите предлози за санкции за првпат се прошируваат на увозот на руска риба. А ЕУ, исто така, има намера да го забрани увозот на руски метали, руди и делови за автомобили во вредност од 60 милиони евра. Ограничувања на извозот од ЕУ се предлагаат за метали и легури што се користат во воздухопловната и одбранбената индустрија. Р.С.

































